27. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Пациентите да бидат спокојни, нашата држава ги има истите лекови што ги користат западноевропските држави, вели Бекироски за случајот на Онкологија

Пациентите може да бидат спокојни, на пазарот во нашата држава ги има лековите од сите реномирани фармацевтски производители, како и лековите што ги користат западноевропските држави. Ова го изјави Роберт Бекироски, директор на МАЛМЕД, агенцијата за лекови и медицински средства на анкетната комисија за случајот на Онкологија.

„Целта е да се расчисти овој случај, сè што треба ќе ви доставиме, целата документација што ви е потребна. Од 2016 година доставивме два договора за јавни набавки што ги имаме направено и тие се јавно достапни“, посочи Бекироски.

Како што истакна тој, нивна должност е на граѓаните да им се обезбедат квалитетни лекови.

Анкетната комисија што ја формира Собранието за утврдување одговорност за скандалот на Клиниката за радиотерапија и онкологија продолжи со работа и сослушува сведоци и експерти и разгледува акти и документи.

Одлуката за формирање анкетна комисија беше донесена на 20 септември откога по наводите во јавноста за злоупотреба на лекови на оваа клиника, Јавното обвинителство отвори предистражна постапка.

Наводите за злоупотреба на лекови на клиниката предизвикаа реакции во јавноста и низа протести.