Министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска на социјалните мрежи објави дека со последното, септемвриско покачување, платите во културата од 2021 година до денес се поголеми за 43%.
„Со последното, септемвриско покачување, платите во културата од 2021 година до денес се поголеми за 43%. Растот на платите е пропорционално еднаков за сите културни работници и тоа е она што вработените во културата го заслужуваат.
Заврши времето на манипулација со трудот на културните работници. Платите сега се достоинствени.
Ова се плати какви што културните работници заслужуваат, а јас и натаму ќе се борам за уште поголем раст.
Нашата борба за повисоки плати е успешна бидејќи секогаш зборувавме со аргументите на правичноста и праведноста. Мораме така и да продолжиме.
Со Колективниот договор во културата подготвен и потпишан во 2019 година, а од неодамна и со Општиот колективен договор постигнавме правичност во групирањето на работните места и праведно вреднување на трудот на вработените во културата за сите без исклучок.
Овие договори денес спречуваат селективност и фаворизација во утврдување на правата по работен однос без разлика за која позиција и работно место се работи во било која културна установа, а сега и во било која државна институција воопшто.
Креативните и авторски позиции и понатаму добиваат плати достојни на нивниот статус, но еднакво и соодветно ги зголемуваме платите и на сите останати кои се дел од логистиката на културните настани, процеси и институции.“ – напиша Костадиновска Стојчевска на Фејсбук.