24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Заев на форум на “Економист”: Умерените и прогресивни сили треба со решенија и одговори да се спротистават на радикалите и популистите

„Со право се прашуваме, како што се прашува и овој форум: Дали се гледа крајот на војната во Украина? Колку полоша може да стане ситуацијата во Израел и колку блиску сме до тоа да се запали целиот Блиски Исток? Може ли да се случи ескалација на ситуацијата на северот на Косово? Вистинските одговори на сите овие прашања треба да ги дадат умерените и прогресивните сили во светот. Потребно е тие решенија и одговори да ги имаме колку што е можно побргу за да им се одземе иницијативата на радикалите и екстремните популисти“ рече поранешниот премиер Зоран Заев на форумот на Економист во Атина.

Тој додаде дека дијалогот, дипломатијата, прифаќањето на аргументите на другиот и компромисот остануваат единствените средства за разумно решавање на конфликтите.

„Од регионална перспектива, повеќе пати се уверивме дека Договорот од Преспа е вистински пример за моќта на дипломатијата и дијалогот. Тоа е корисен пример за многу други отворени прашања“ рече Заев.

Поранешниот премиер додаде дека за да се постигнат договори кои носат мир и стабилност потребни се верба дека проблемите можат да се решат и јасна визија, но и издржливост и упорност.

„Како и актуелните конфликти сега, и со војната во Украина, и на Косово, како и во Израел и Палестина, и Договорот од Преспа имаше за цел да го надмине минатото исполнето со недоверба и да постави основа, темели, за да градиме заедничка иднина“ рече Заев.