22. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Татко и две мали деца се меѓу петте македонски државјани што чекаат евакуација од Газа

Македонските власти се обидуваат да евакуираат петмина наши државјани од Газа, брачен пар и татко со две мали деца, изјави идниот македонски амбасадор во Тел Авив, Шпенд Садики, пред пратениците на Комисијата за надворешни работи во Собранието.

„Тоа го правиме секојдневно. Беа двајца, еден брачен пар, и последната бројка е пет. Татко и две мали деца. Дел од кризниот штаб сега е фокусиран на Газа во обид да се извлечат тие пет луѓе. Она што е невозможно ние да влијаеме е одлуката кога ќе се отвори границата. Таа одлука зависи од Египет и делумно и од Израел. Во комуникација сме секојдневна со нашата вршителка на работи во Каиро, Елма, и со Мачеј, во Тел Авив, и со нашите државјани“, рече Садики.

Новиот амбасадор информира дека се издадени патни листови за децата што немале пасош, а мајката на децата е палестински државјанин и за неа е издадена виза.

„Ќе зависи од египетските власти дали ќе дозволат таа да излезе од земјата. И ние ќе инсистираме. Амбасадата во Тел Авив не е акредитирана за палестинските територии. Неколку држави имаат формални релации со нив, но ние немаме и тоа е политичка одлука, но конзуларна заштита за Западниот Брег нудиме од Амбасадата во Тел Авив, а за Газа преку Амбасадата во Египет“, рече Садики.