Centar.mk
КУЛТУРАвест

Промоција на книгата „Просто и строго – Конески“ од Иван Антоновски по повод 30 години од физичкото заминување на великанот

Утре, со почеток во 18 часот, во книжарницата на „Матица македонска“ на Булеварот на книгите – „Св. Климент Охридски“ ќе биде промовирана книгата „Просто и строго – Конески“ од Иван Антоновски. Со промоцијата на оваа книга која претставува ново исчитување на книжевното дело на великанот, книгоиздавателството „Матица македонска“ ќе ја одбележи 30-годишнината од физичкото заминување на Блаже Конески.

Промотори на книгата ќе бидат универзитетските професори Венко Андоновски и Димитар Пандев, а за настанот е предвидена и музичка програма на Драган Даутовски.

„Просто и строго – Конески“ на Антоновски беше објавена неодамна и во неа се отвораат прашања и се изнесуваат согледби и заклучоци и за некои помалку анализирани, афирмирани и вреднувани, а важни сегменти од опусот на Конески.

Според оцените на универзитетскиот професор Димитар Пандев, кој ќе биде еден од промоторите, во оваа книга, Антоновски прецизно го чита Конески и го чита тестаментално, како што се чита послание срочено од престижна јазикотворечка личност.

– И ја доловува смислата на Конески, на која самиот тој толку инсистираше и не дозволуваше прашања. Но долг и право е на авторот следбеник на тие загатнати прашања да посочи одговор. Во името на егзактноста со која понира во пределните области на Конески, нагласува Пандев.

Со одбележувањето на 30-годишнината од физичкото заминување на Блаже Конески со објавувањето и промовирањето на книгата „Просто и строго – Конески“ од Иван Антоновски, книгоиздавателството „Матица македонска“ продолжува со остварување на својата определба за вложување во афирмацијата и вреднувањето на делото на великанот, заради која и минатите години објави неколку книги кои се однесуваат на неговиот опус.

Можеби ќе ве интересира

Саем на книга ќе се одржи од 23 до 29 април 2026, под слоган “Отвори прозорец кон нови светови”

ДЕСК

„А“ – самостојна изложба на Олгица Антовска: водата како духовна инспирација

ДЕСК

Почина познатиот актер Кирил Поп Христов – Кили

ДЕСК