25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Претреси на 4 локации на подрачјето на СВР Скопје, пронајдена илегална лабораторија за марихуана, разни видови дрога и пиштол, приведени четворица дилери

Денеска (23.10.2023) полициски службеници од СВР Скопје, Единица за недозволена трговија со дрога и оружје во заедничка координирана акција со Оддел за криминалистичка полиција, Сектор за недозволена трговија со дрога оружје и опасни материи, по претходно спроведени истраги, преземени мерки и активности и по обезбедени наредби за претрес од Основен кривичен суд Скопје, извршија претреси на 4 локации на подрачјето на град Скопје, при што лишени се од слобода четири лица, а пронајдена е илегална лабораторија за производство на марихуана, разни видови дрога и пиштол.

При извршен претрес на дом и други простории кај Б.А.(42) пронајдена е илегална лабораторија за одгледување и производство на марихуана, при што се пронајдени 289 саксии со засадени 291 растение cannabis sativa, заедно со целокупната опрема за одгледување и производство на марихуана, и тоа: ламби за затоплување и осветлување, филтри и црева за прочистување на воздухот, систем за напојување на енергија, вештачки ѓубрива, систем за наводнување и разни видови на алатки за одржување на лабораторијата. Од страна на полициски службеници сите пронајдени предмети се одземени, Б.А. е лишен од слобода и по документирање на случајот од страна на СВР Скопје ќе биде поднесена кривична пријава по чл.215 од Кривичниот законик.

Во врска со пронајдените над два килограми амфетамин, таблети екстази и кокаин на 10.10.2023 во оградено место за отпад во Влае, полициски службеници од СВР Скопје, Единица за недозволена трговија со дрога и оружје преземаа опсежни мерки и активности и по спроведена истрага врз основа на обезбедени докази, денеска (23.10.2023) извршен е претрес и во домот на Д.Т.(33). При претресот е пронајден пиштол, а Д.Т. е лишен од слобода и со кривична пријава ќе биде предаден кај Јавен обвинител од ОЈО Скопје.

По претходно спроведена истрага во врска со случајот на пронајден ранец со марихуана и дигитална вага на 11.09.2023 во населба Драчево, во текот на денешниот ден претрес беше извршен и во домот на Д.Р.(31). При претресот се пронајдени се марихуана, дигитална вага и празни опаковки за пакувања на дрога. По документирање на случајот од страна на Единицата за недозволена трговија со дрога при СВР Скопје ќе биде поднесена кривична пријава по чл.215 од Кривичниот законик, соопшти Сузана Прањиќ Талевска од МВР.

Од страна на полициските службеници од СВР Скопје – Единица за недозволена трговија со дрога и оружје, при претрес извршен со судска наредба во дом и помошни простории кај А.М.(27) и Б.М.(30), бил пронајден хероин. А.М. е лишен од слобода и по документирање на случајот ќе биде поднесена кривична пријава по чл.215 од Кривичниот законик.