24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Маричиќ: Регионот ќе оди напред кон ЕУ и ние треба да бидеме во ист чекор, нема непремостливи пречки

Вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ, денеска учествуваше на конференцијата на меѓупарламентарниот дијалог за понатамошно промовирање на европската интеграција на Западен Балкан, во заедничка организација на Парламентарното собрание на Советот на Европа и Собранието на Република Северна Македонија.

Во своето воведно обраќање Маричиќ рече дека оваа и следната година се многу важни за европската перспектива на Западен Балкан и дека регионот ќе оди напред.

„Ние сакаме Северна Македонија да биде во чекор со другите. Треба да бидеме дел од оваа успешна приказна што ќе ја испишеме заедно со ЕУ и другите земји од регион. Во наш интерес е, во интерес на граѓаните е да продолжиме напред и обединети во идејата за просперитетен и интегриран регион во ЕУ“, рече Маричиќ.

Додаде дека нема непремостливи пречки и изрази уверување дека парламентот и пратениците ќе бидат на нивото на задачата и ќе водат конструктивен дијалог со кој, како што рече тој, „бргу и ефикасно ќе ги исполнуваме обврските и ќе ги надминуваме предизвиците, поврзани со прашањата за правосудството, борбата против корупцијата и владеењето на правото“.

„Европската интеграција не е само опција за земјите од регионот, таа е најдобрата и најразумна опција и единствена алтернатива за нас. Заживувањето и интензивирањето на интегративниот процес од страна на ЕУ, со план и конкретни задачи за членство до 2030 година, ни дава шанса да го постигнеме она што го чекаме речиси две децении, а таа шанса нема да ни биде до недоглед“, посочи Маричиќ.

Нагласи дека за поздравување е сè поголемиот ангажман на Парламентарното собрание на Советот на Европа, кој има суштинска улога во поддршката на европската перспектива на Западен Балкан преку засилување на активностите за меѓупарламентарна соработка, насочени кон зајакнување на демократската отпорност, институционалниот капацитет, одржливоста на реформите, како и консултации со граѓанското општество и учество во политичкиот процес на одлучување.

„Континуираната и интензивна соработка меѓу Советот на Европа и ЕУ не само што ќе ја забрза европската перспектива на Западен Балкан туку и ќе ја подобри одржливоста на реформите обезбедувајќи и активно вклучување на парламентот како основа за демократскиот напредок, спроведувањето на европската реформска агенда и што е најважно меѓупартискиот дијалог“, рече Маричиќ.

Воведни излагања имаа и претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери, претседателот на Парламентарното собрание на Советот на Европа, Тини Кокс, и Золт Немет, претседател на Комитетот за политички прашања и демократија, Парламентарно собрание на Советот на Европа (ПССЕ).

Регионалниот настан има цел да им обезбеди на парламентарците од регионот преку широка платформа за соработка и дијалог за да разговараат за предизвиците со кои се соочуваат, како и добрите практики кон европска интеграција.