Денеска, во Брисел, почна билатералниот скрининг за Поглавјето 33, „Финансиски и буџетски одредби“, дел од Кластерот 5 – „Ресурси, земјоделство и кохезија“.
Во Поглавјето 33 се работи за нашата способност и административен капацитет како држава да придонесеме во заедничкиот буџет на ЕУ кога ќе станеме полноправна земја членка на ЕУ. Некои од прашањата што ќе бидат адресирани во рамките на ова поглавје веќе се обработени на билатералните скрининзи за Поглавјето 16 – „Даноци“ и Поглавјето 29 – „Царина“, кои се директно поврзани со ова поглавје.
Во своето воведно обраќање пред експертите на Европската комисија, заменик-главниот преговарач со ЕУ и државана секретарка во Секретаријатот за европски прашања (СЕП), Дрита Абдиу-Халили, истакна дека како земја што ја има имплементирано Спогодбата за стабилизација и асоцијација (ССА) речиси 20 години, Северна Македонија континуирано го усогласува националното законодавство во оваа област, а работиме и на зајакнувањето на административните капацитети и развојот на ИТ-системите како дел од процесот за дигитализација на услугите.
„Некои од последните активности го вклучуваат и донесувањето на новиот закон за органски буџет, кој е дел од реформата во јавните финансии. Исто така, фискалниот совет е веќе формиран од Собранието во септември 2023 година“, нагласи, меѓу другото, Абдиу Халили.
Државната делегација за Поглавјето 33, на која е носител Министерството за финансии, ја сочинуваат и претставници од други релевантни институции како што се: Управата за јавни приходи, Царинската управа, Министерството за животна средина и просторно планирање, Државен завод за статистика, како и Секретаријатот за европски прашања.
Следните билатерални скрининг-состаноци со Европската комисија за Поглавјето 13 – „Рибарство“ се предвидени да се одржат на 26 и 27 октомври во Брисел.