Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, во рамките на учеството на самитот на лидери на Берлинскиот процес, во Тирана, Албанија, пред почетокот на работните сесии во рамките на самитот даде изјава за медиумите.
„Денес, се одржува вториот самит на Берлинскиот процес во нашиот регион, првиот беше во 2020 година кога организатори беа Северна Македонија и Бугарија, меѓутоа поради ковид-пандемијата беше организиран онлајн. Ова е втор на кој со физичко присуство ќе бидат лидерите на земјите од Западен Балкан заедно со претседателот на Европската комисија, на Европскиот совет и други лидери од Европската Унија.
Очекувањата се дека ќе имаме конструктивна дискусија, прво, во однос на зголемување на регионална соработка, во однос на зголемување на инвестициите за поврзување на регионот, односно на сите земји во регионот и посебно разговори во однос на обезбедување енергетска независност и обезбедување дополнителни финансиски средства за енергетско осамостојување на регионот и зелена транзиција на енергетскиот сектор.
Дополнително, ќе биде потпишан и договор за меѓусебно признавање на дипломите на фармацевтите, потоа на акушерките, на медицинските сестри, кои доаѓаат како дополнување на она што го потпишавме на минатиот самит, а тоа беше признавање на дипломите на лекарите и на другите дејности, кои се регулираат во согласност со европските директиви“, рече премиерот Ковачевски.
„Тука на овој самит ќе имам и разговори со Шолц. Во текот на денот, утрово имав состанок со комесарот Вархељ, на кој разговаравме за процесот на проширувањето, првин во однос на скрининг-процесот, кој веќе е во својата финална фаза и кон подготовката на финалните извештаи, меѓутоа исто така разговаравме и за поврзувањето на земјите од Западен Балкан, пред сè, мислам на дигиталното поврзување, кое е едно од условите за воспоставување заеднички регионален пазар, кој ќе биде компатибилен со заедничкиот европски пазар за воспоставување инфраструктура и механизми.
Имав состанок и со претседателката на Европската банка, г-ѓа Рено Басо, на која разговаравме конкретно за проектите што се финансирани од страна на ЕБРД во однос на поврзувањето на Коридорот 8 со Албанија, како и на проектите, кои се однесуваат на финансирање на енергетските проекти во државата и на интерконекцијата со Грција во однос на гасното поврзување на Северна Македонија.
Во текот на утрешниот ден ќе имам состанок и со потпретседателката на Светската банка, со која ќе разговараме за долгорочниот план што го имаме со Светската банка за кој разговаравме во Њујорк во однос на финансирањето на проектите во Северна Македонија во наредните 4 години“, изјави премиерот Ковачевски.