„Ултра десничарски, неонацистички и други радикални или екстремистички поединци или групи го наоѓаат своето упориште во зелените движења или иницијативи, па и во зелените партии. Од таму затскриени зад зелената агенда се наоѓаат слободни да ги шират своите деструктивни и антидемократски идеи“, изјави Џабир Дерала, претседател на ЦИВИЛ на панелот на тема „Македонската зелена агенда: Реалност или тешко остварлива цел?“.
Зборувајќи за можните злоупотреби на зелените идеи и прашања истакна дека ваквата состојба станува тренд не само во Северна Македонија, туку и пошироко.
„Ние како мала земја која е фрагментирана по политички, културни и други основи, ние како сиромашна земја сме во опасност таквите идеи да се инфилтрираат во таквите движења, во зелените иницијативи, партии или проекти, со предзнак зелено, а да работат на сосема друга агенда“, истакна Дерала.
Тој додаде дека ваквиот тренд може да се надмине со деноноќна заложба на сите оние кои го забележале, а владата и институциите мора да работат поажурно во заштита на јавниот интерес и безбедноста на земјата.
Габриела Кулебанова, претставник од бизнис секторот истакна дека според европските истражувања недовербата во институциите доведува до зголемено работење на сивата економија, но и појава на дезинформации и злоупотреби.
„Ние треба да си ја зголемиме довербата кон институциите за тие потоа да можат да ги преземат конкретните мерки кон оние кои што шират дезинформации или се прават злоупотреби во било која сфера или пак се работи на црно“, изјави Кулебанова.
Кулебанова истакна дека треба да ги надминеме сте бариери што не се во насока на општото добро и бенефитот од зелената агенда.
И двајцата соговорници се согласија дека приоритетите во контекст на зелената агенда не се само искористувањето на обновливите извори на енергија, туку и дигитализацијата, земјоделието, регулирањето на отпадот.
Извор: Civilmedia.mk