24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Тренчевска: Ако градиме политики каде не се вклучени жените е исто како да градиме општество во кој жените не се предвидени да бидат вклучени

Се додека постои жена која се плаши да го оствари правото на образование, правото на слободен говор и правото на избор, јас ќе сметам дека нема доволно жени застапени во политичкиот и во јавниот живот. Затоа што ако градиме политики каде не се вклучени жените е исто како да градиме општество во кој жените не се предвидени да бидат вклучени. Во изминатиот период воочуваме напредок во овој дел. Бројот на жени пратенички во Собранието на Република Северна Македонија е зголемен и се одржува благодарение на афирмативните законски мерки. Во 2021 година, 40.2% од избраните пратеници беа жени, додека на крајот на 2022 година процентот на жени во Собранието на Република Северна Македонија достигна 42.5%. Меѓутоа сеуште жените не се доволно застапени на министерски позиции и во извршната власт. Додека пак бројот на жени донесувачки на одлуки е најмал на локално ниво. Во 2021 година, од вкупно 27 жени кандидатки, за градоначалнички беа избрани две жени од вкупно 81 градоначалник, за 80 општини и градот Скопје. Жените се исто така речиси четири пати помалку застапени од мажите на позиции на донесување одлуки во компаниите во земјава. Ова не е ситуација која означува успех туку знак за поголема активност за спроведување на родовата еднаквост во сите сфери на животот , вели во интервју за Локално.мк министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска.

Овие бројки, но и анти-родовите движења во комбинација со говорот на омраза кон жените се теми на кои треба посветено да работиме за да охрабриме жени да бидат дел од политичките процеси и од донесувањето на одлуки. Цврсто верувам дека токму жените се оние кои може да понесат многу товар на својот грб, да донесат храбри и одлучни чекори, но и да покажат што е транспарентно и чесно работење, доколку им се верува и им се даде прилика.

На што ќе се насочите во последните месеци од вашиот мандат, со оглед на изборите кои се планираат за напролет?

Секако следните последни месеци знам дека ќе бидат тешки, но тоа нема да ме одвои од мојата мисија која си ја поставив уште првиот ден кога влегов на работа во министерството како помлад соработник. Секој ден да помагам на еден човек така ќе помогнам на 365 лица годишно. Сега како министер со одлуките водени од моите вредности на работа – солидарност, еднаквост и праведност верувам дека не помагам само на еден човек во денот туку на повеќе граѓани одеднаш.

Мојот мандат до сега е одбележан од теренска и тимска работа, надвор во директен контакт со граѓаните. Така имав можност секогаш да бидам во директен контакт со граѓаните. Да решавам предизвици кои не се присилени да излезат во медиумите, не се уредно скоцкани од извештаи и од анализи туку се увидени директно во контакт со оние кои никогаш не биле вклучени на места каде може да го кажат своето мислење. Теренската работа ни покажа и мене и на граѓаните дека сме исти, дека сме исправени пред истите предизвици и дека заедно доаѓаме до решенија. Овие средби ми покажаа дека нашите граѓани не смеат да останат во системот на социјална заштита, туку тие сакаат охрабрување, можности и развој во постигнување на својот полн капацитет.