26. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

(Видео) Шкријељ: Го решивме долгогодишниот проблем на лицата без документи, секој е важен

„Ставаме крај на долгогодишниот проблем на лицата без документи. Со донесените измени на законите за престојувалиште и живеалиште, како и со Законот за личната карта, им овозможуваме на ранливите и социјално загрозените лица да добијат пристап до лична документација. Поради непоседување имот, овие наши сограѓани немаа можност да обезбедат докази за сопственост на имот или договор за закуп и остануваа без пријавена адреса, а со тоа и без лична карта“, рече Санела Шкријељ, пратеничка од СДСМ.

„Сега создадовме услови и трајно го решаваме овој проблем. Во јуни 2023 Собранието ги усвои и измените на Законот за матичната евиденција, со што се овозможи секое дете родено во земјата да добие извод при раѓањето, а најдоцна 45 дена од раѓањето, без разлика дали неговите родители се без документи или без државјанство.

Во период од два месеца од измените на законот решени се 310 предмети на лица што добија извод од Матичната книга на родените. СДСМ континуирано и преку системски решенија се грижи за граѓаните, особено за оние што имаат најголема потреба од помош.

Со ова се заокружи процесот на решавање на проблемот без државјанство, така што ќе се стави крај на ова во Република Северна Македонија и ќе им се решат основните човекови права на речиси 700 лица, колку што беа детектирани во нашата држава.

На овој начин овие неевидентирани лица т.н. фантоми сега ќе може да си ги остварат своите основни човекови права, со што Северна Македонија ќе биде прва во Европа што го има решено статусот на немање државјанство. Освен тоа, донесените интервенции во посочените закони се гаранција дека во земјата нема да се повтори ситуација на лица без државјанство.

Грижата за сите продолжува затоа што секој е важен“, изјави Санела Шкријељ, пратеничка.