24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Тренчевска: Препораките од тимот експерти на МОТ, ќе придонесат за унапредување на процесите во државата во областа на трудот

Економско -социјалниот совет денес ја одржа 14-та седница, на која покрај претставници на членовите на ЕСС, редовно присуствуваат и претставници на не репрезентативните синдикати.

Оваа седница имаше за цел презентација на препораките и заклучоците на тимот експерти од Меѓународната организација на трудот (МОТ) и експерт за слобода на здружување.

Во рамките на Мисијата за директен контакт, тимот експерти во текот на неколкудневната посета на земјава оствари серија на состаноци со државни институции, претставници на синдикатите, работодавачите, Државниот инспекторат на трудот, Правобранителот, Комисијата за спречување и заштита од дискриминација и други организации кои работат во областа на трудот.

Целта на состаноците беше да се согледа примената на Конвенцијата за правото на организирање и колективно договарање, 1949 г. (бр. 98) од страна на Република С. Македонија во закон и пракса, идентификување на предизвиците и поддршка во примената на препораките на Комитетот за примена на стандардите.

Еден од заклучоците на тимот експерти е дека, Република Северна Македонија е една од малкуте земји која ги има ратификувано сите конвенции за слобода на здружување и колективно договарање. МОТ останува поддржувач на земјата во понатамошните процеси како зајакнување на социјалниот дијалог, колективното договарање и при носењето на реформи во областа на трудот вклучително и новиот Закон за работни односи.

Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска како претседавач на Економско – социјалниот совет се заблагодари на тимот експерти за нивната посветена работа и изрази увереност дека донесените препораки ќе придонесат за унапредување на процесите во областа на трудот. Притоа додаде дека Владата како и досега ќе продолжи со одржување на социјалниот дијалог во државата и се осврна на нејзината улога на флексибилен партнер помеѓу претставниците на работодавачите и работниците, со цел успешно решавање на важни економски и социјални прашања во државата од кои се засегнати сите граѓани.