Лидерот на Демократската унија за интеграција (ДУИ) – Али Ахмети изјави дека не ја исклучува можноста во „Фронтот за Европа“ да има партија од македонскиот политички блок, додека поранешниот претседател на Алијансата за Албанците (АА) – Зијадин Села вели дека се чувствува мал за толку голема идеја.
Од друга страна, политичкиот блок на албанските опозициски партии – Движењето БЕСА, Алтернатива и Демократско движење, се изјаснија дека Алијанса има место во опозицискиот блок, а не во иницијативата „Фронте за Европа“ која ја промовира лидерот на ДУИ Али Ахмети.
Поранешниот претседател на АА изрази подготвеност за реализација на идејата на Ахмети за обединување на албанскиот политички спектар, но вели дека не е добра идејата да се коалицира со македонска партија.
– Не би помислил дека е добра идеја да се коалицира со македонска партија, тоа сум го кажал и порано затоа што мислам дека Албанците не треба да влезат како такви во Владата… Ова е слично на периодот на поранешна Југославија, кога бевме само како фигура, како именка и придавка. Сега тенденцијата е да се врати овој имиџ на Албанците. Идејата за коалицирање на целиот албански политички спектар, во изборна листа, колку и да изгледа утописка, ја земам здраво за готово. Зијадин Села е премал за да каже НЕ на оваа одлична идеја, ова важи и за АА. Тоа значи обединување на целиот албански политички спектар…“, рече Села во неговото последно интервју.
За разлика од Села, Али Ахмети рече дека доколку калкулациите на СДСМ дозволуваат нивно вклучување во иницијативата „Фронт за Европа“, тогаш нема проблем за ова да разговара во партиските тела, а дека не е ниту против вклучување во оваа иницијатива на македонските партии.
Од блокот на трите албански опозициски партии, Движењето БЕСА, Алтернатива и Демократското движење, велат дека веќе се договориле да излезат со заеднички листи. Но, според нив, фронтот на опозициските партии не е завршен проект.
– Ги повикуваме и другите субјекти да се приклучат на овој фронт на албанската опозиција. Апелираме до Алијансата за Албанците, која има свое место во опозицијата, затоа што нивниот наратив е дека тие континуирано стојат на ставовите критикувајќи ја власта и мислиме дека нивното место е во опозицијата, за да ја направиме промената и да им го донесеме новиот политички ветер на Албанците во Северна Македонија, порача од опозицискиот блок на Албанците.
Извор: Frontline.mk