7. октомври 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Успехот за Чебрен го носи Ковачевски како 11 премиер на Македонија, после 13 неуспешни тендери

Откако досега Влади предводени од десет премиери не успеаја да го започнат проектот за изградба на хидроцентралата Чебрен, овој систем кој има капацитет да го промени македонскиот енергетски сектор конечно ќе го види светлото на денот. Владата донесе одлука и избра изведувач градба на хидроцентарлата Чебрен. Грчката компанија ППЦ Архиродон ќе ја гради оваа хидроцентрала која ќе биде спас за македонскиот енергетски систем по досегашните 13 неуспешни тендери. Тоа што не успеа на ниту една Влада досега, конечно ќе стане реалност.

Досегашните премиери Глигорие Гоговски, Никола Кљусев, Бранко Црвенковски, Љубчо Георгиевски, Хари Костов, Владо Бучковски, Никола Груевски, Зоран Заев, но и Оливер Спасовски и Емил Димитриев како технички премиери не успеаја да го започнатп проектот за Чебрен, додека Димитар Ковачевски во неговата втора година, по започнувањето на преговорите со ЕУ, го направи потегот кој ќе го трансформира енергетскиот сектор во земјава.

Проектот за изградба на централата Чебрен е уште од 1966 година, а нејзиниот капацитет ќе биде околу 333 киловат часови. Досега сите Влади се обиделе на еден или на друг начин да го започнат проектот за изградба на Чебрен, но тоа завршувало со неуспешен тендер.

Енергетската криза покажа дека изминатите 30 години не се инвестирало во енергетскиот систем, поради што земјата беше ранлива од ефектите на кризата и нејзината зависност од електрична енергија произведена од јаглен. Сега, изградбата на централата Чебрен, која е инвестиција од една милијарда евра и ќе се гради по принципот на јавно-приватно партнерство, земјава конечно го прави првиот чекор кон заменување на јагленот со обновливи извори на енергија.

Државното претпријатие ЕСМ ќе има удел од 33 отсто во централата Чебрен, за чија изградба во изминатите 20 години пропаднаа дури 13 тендери. Со изградбата на Чебрен освен што се зголемува енергетската независност на земјава се прави и сериозен чекор кон заштита на животната средина и обезбедувањето стабилен енрегетски систем се помалку зависен од јаглен.

Централата Чебрен не е единствениот проект и инвестиција во енергетскиот сектор на оваа Влада. Со олеснувањата за инвестициите во соларни централи, но и најавите големи проект за фотоволтаични централи и ветерници, од јануари 2022 година се инсталирани фотоволтаици со капацитет од 420 мегавати, што се очекува да порасне до 600 до крајот на годината.

„Се проценува дека работењето на ХЕЦ Чебрен годишно ќе генерира 1044 GWh, за што, ако се генерира од фосилни горива, ќе бидат потребни 380.000 тони јаглен. Со оглед на тоа дека согорувањето на еден тон јаглен произведува 1,8 тони јаглерод диоксид, генерирањето на 1044 GWh со проектот ќе заштеди 680.000 тони јаглерод диоксид годишно“, се наведува во физибилити студијата за влијанието на ХЕЦ Чебрен врз човековата средина.