23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Македонскиот воздухоплов „Илинденка“ ќе биде изложен на аеромитингот по повод 100 години македонска авијација во сабота

На аеромитингот кој ќе се одржи во сабота, 16 септември по повод 100 години македонска авијација, ќе биде изложен и единствениот Македонски воздухоплов дизајниран и произведен од членови на Аероклубот – „Илинденка“, кој претставува „светиот грал“ на македонското воздухопловство.

Во програмата предвидено е да има акробации кои се стандардни за аеромитинзи, а свое учество ќе земат и хероите на летните пожари, трите Air Tractor AT-802A Fire Boss на Дирекцијата за заштита и спасување кои ќе летаат во формација, потоа владиниот авион од типот Лирџет 60, полициските хеликоптери и авионот на воените сили Mi-17, а во низок лет ќе лета патничкиот авион Ербас А320 на авиокомпанијата Визер.

Специјални гости ќе бидат авиони од воздушните сили на Србија, Италија и Грција. Посебна атракција ќе приредат двата суперсонични пресретнувачи MIG-29 на Српското воено воздухопловство кои исто така ќе биде дел од големиот Аеромитинг.

Аеродромските врати за посетители ќе бидат отворени во 9 часот, а официјалната програма почнува во 11 часот. Посетителите ќе уживаат во акробатско летање со авиони, прелети во група и низок прелет на патнички авион. Падобранците ќе го развеат најголемото државно знаме од воздух, а едриличарите ќе презентираат неверојатни акробации.

Влезот на аеромитингот е бесплатен, а паркинг-местата се ограничени. На посетителите од Скопје им се препорачува, наместо со автомобил, на Стенковец да дојдат со бесплатните автобуси кои тргнуваат во 8.30 часот, од пет локации во Скопје: Автокоманда кај ЈСП, Транспортен центар, Ѓорче Петров кај пазарот на вториот кружен тек, Бутел кај Еделпром и салата Борис Трајковски. Автобусите ќе возат во двата правци до 19 часот.