Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје донесе наредба за спроведување истражна постапка против 47-годишник за кого постои основано сомневање дека сторил кривично дело разбојништво.
На 4 септември осомничениот влегол во маркет на булеварот АСНОМ и веднаш се упатил во просторот кај касата и ја отворил. Сопственичката на продавницата, која работела и како продавач, му се спротивставила, но тој извадил нож со кој ѝ се заканил, ја оттурнал и од касата одзел 16.300 денари колку што имало во тој момент.
Оштетената во меѓувреме излегла од продавницата и ја затворила вратата обидувајќи се да го задржи во продавницата, но тој со сила ја турнал вратата, успеал да ја отвори и избегал од местото.
Бидејќи се исполнети законските услови, односно постојат околности што укажуваат на опасност од бегство и кои го оправдуваат стравот дека осомничениот ќе го повтори кривичното дело, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор.