18.8 C
Скопје
6. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
+МАКЕДОНИЈАКУЛТУРА

Костадиновска-Стојчевска: Македонската култура и Скопје имаат капацитет да бидат Европска престолнина на културата во 2028 година

Министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска, оствари средба со градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, како подготовка пред заедничкото претставување на апликацијата „Скопје – Европска престолнина на културата во 2028 година“ што ќе се одржи во Европската комисија во Брисел.

Во седиштето на ЕУ во септември ќе се одржи панел-дискусија на која независни експерти назначени од институциите и телата на Европската Унија ќе ги оценуваат апликациите. Во потесниот круг за оваа престижна титула на натпреварот меѓу градовите на ЕФТА/ЕЕА се влезени Скопје и Будва.

– За нас, апликацијата „Скопје – Европска престолнина на културата“ е од огромно значење бидејќи ќе донесе афирмација на македонската култура во сите нејзини сегменти, од културното наследство до современата архитектура и изведувачките уметности. Да се биде град кој една година ќе биде во фокусот на европската културна јавност, е престиж и привилегија кои ги поттикнуваат сите домашни ресурси за исполнување на условите – од организациски, просторен и од програмски аспект. Да се биде „престолнина на културата“ е можност за анимирање многу општествени, културни и економски капацитети и придобивки на Градот Скопје и на целата држава. Убедена сум дека културата, нашите институции и независната сцена, поединци и културни оператори имаат капацитет за изготвување програма со европски квалитет и вредности. Впрочем, голем број од нив тоа веќе и го докажуваат преку вклученост во мрежата на европските фестивали и настани – рече министерката за култура, Костадиновска-Стојчевска.

Со градоначалничката Арсовска беше разговарано за заедничките заложби што Градот и Министерството за култура ќе ги вложат во периодот пред панел-дискусијата во Брисел за потребата од истакнување на квалитетот и капацитетите што ги имаат Скопје и Северна Македонија за да бидат домаќини на европски уметници, за учеството на нашите експерти во евалуацијата на апликациите. Соговорничките се договорија да изготват заедничка платформа за претставување на културната сцена на Северна Македонија и на потенцијалите што ги има државата за искористување на европските фондови и можности и поголема присутност преку програмата „Креативна Европа“ пред ЕУ. Арсовска и Костадиновска-Стојчевска со оптимизам го најавуваат македонското претставување на панел-дискусијата во Брисел, потенцирајќи ја нашата органска поврзаност со европските вредности, а тоа се надеваме дека ќе биде потвредено преку позитивниот резултат од нашето кандидирање за „Европска престолнина на културата“.

Спонзорирано: