Повисоки плати за наставниците од 1 септември, најави министерот за образование и наука, Јетон Шаќири, на денешната прес-конференција.
Мотивацијата на наставниот кадар е меѓу еден од приоритетите на Министертсвото за образование и наука, рече Шаќири.
„Нивниот личен приход во 2022 и 2023 година го зголемивме 18,4 проценти и оваа политика ќе продолжи. Најавувам дека како резултат на дискусиите со репрезентативниот синдикат набргу ќе имаме ново зголемување на платите и тоа што се добива со општиот колективен договор, но исто така и усогласување со минималната плата. Во период од една година сите етапни покачувања на платите на наставниците овозможуваат пораст на нивниот личен приход над 35 проценти“, додаде Шаќири.
По најавите за протести, тој информира дека денеска во 14 часот ќе има состанок со Независниoт синдикат, а вчера реализирал состанок со СОНК.
„Јас кажав дека ќе продолжиме со повисоки плати и од овој 1 септември. Повисоки од општиот колективен договор и преговараме со Министерството за финансии за усогласување со минималната плата. Јас и на СОНК и на Независниот синдикат им кажав дека не сакам никогаш децата, или учениците или наставниците да бидат дел од дневната политика што се води помеѓу синдикатите за што поголемо членство. Нека најдат кој било друг инструмент. А јас како министер, еве кажувам, дека од 1 септемрви ќе има повисоки плати, кои кумултативно за една година, оваа не е направено повеќе од дваесет години, ќе добиваат повисоки кумултативен пораст од 35 проценти. Па ако продолжиме вака со новиот модел на општиот колективен договор, секоја година ќе се добиваат повисоки плати. И денeска на состанокот ова ќе биде мојот став и тоа ќе биде мојата цел“, порача Шаќири.
Деновиве од страна на Независниот синдикат на образование и наука беше најавена можноста од штрајк во образованието поради незадоволството од, како што велат, тоа што не им се почитува колективниот договор, ниските плати, најавените промени, кои се против законот.
Револтот, според изјавите од Синдикатот, потекнува од најавените промени во секторот образование, а кои не се совпаѓаат со законите.