Премиерот на Хрватска, Андреј Пленковиќ денеска изјави дека очекува граѓаните на таа земја на крајот да се навикнат на новото регулирање на работењето на продавниците во недела.
Тој на седницата на Владата рече дека одлуката за затворање на продавниците во недела и празници е донесена по серија фундаментални и многу инклузивни консултации со сите партнери, од работодавачите, синдикатите и на јавни расправи, пишува Загреб Индекс.
Целта, рече тој, е да се најде соодветен баланс меѓу деловниот и семејниот живот, земајќи ги предвид 86.000 жени кои претежно работат во продавници.
Според него, при креирањето на моделот за работно време, се земало предвид фактот дека Хрватска е економски и туристичка земја со особено интензивни летни месеци, па се предвидени 16 работни недели.
По одреден временски период, сè ќе си дојде на свое“, рече тој и додаде дека Хрватска не е првата земја што ја регулира работата во недела, туку тоа го прават многу европски земји, вклучително и високоразвиените.
Како што појасни, граѓаните на тие земји прифатиле да не работат во недела.
„Не гледам дека тоа треба да биде проблем за хрватското општество, згора на тоа, сметаме дека тоа е добра и корисна насока за зајакнување на семејството како јадро на хрватското општество, без кое нема напредок во ниту една сфера од животот. “, заклучи Пленковиќ.