Христијан Мицкоски и ДПМНЕ ќе дадат поддршка за уставните измени, ако навистина се грижат за интересите на државата и за европската агенда, повторија во денешното соопштение до јавноста СДСМ.
Тие велат дека се исполнети сите услови што самиот Мицкоски ги постави за ДПМНЕ да поддржи уставни измени.
-Со оставките на министрите од ДУИ, што ќе стапат на сила веднаш по усвојувањето на уставните измени, Мицкоски и ДПМНЕ можат веднаш да станат дел од Влада во која нема да учествува ДУИ, а потоа и да се организираат предвремени избори. Се што треба да направат е да се вклучат во процесот и да дадат поддршка за уставните измени, стои во соопштението.
Како што велат од СДСМ, со измените на Уставот се забрзува процесот на интеграција во ЕУ, но истовремено се задржува примарната уставотворност на македонскиот народ и се става крај на тезата „еден народ две држави“ која со децении ја промовираат одредени туѓи центри.
-Мицкоски има шанса макар еднаш да се престрои на страна на државните и национални интереси, велат од владејачката партија.