Полицијата и моторџиите од „Мечки“ на неколку локации во Куманово разговараа со возачите на мотори, пред сè помладите и им укажаа на важноста од носење заштитна опрема. Присутните им поделија промотивен материјал, летоци и маици изработени во соработка со општинскиот совет за безбедност.
– Целта на оваа превентивна активност е да се даде посебен акцент на младите мотоциклисти и нивните родители за поголемо внимание и грижа кон децата, зголемување на сообраќајната култура, мотоциклистите да се почитуваат како рамноправни учесници во сообраќајот, заштита на малолетниците од прекршување на правата и прописите, изјави портпаролот на СВР Куманово, Ивана Младеновска.
Член н мотоклубот „Мечки“, Виктор Михајловски кажа дека целта на нивното здружение е да се подигне сообраќајната свест кај помладите возачи на мотори за важноста од носење кацига.
– Не само што законски е задолжително, туку е многу важно заради безбедноста. Во летниот период, поради топлото време, ако одат на пократки релации избегнуваат да ги носат кацигите. Ние како мотоклуб секогаш учествуваме во акции на полицијата и мислиме дека голем дел од младите моторџии сакаат да станат дел од нас и да ги почитуваат правилата, кажа Михајловски.
Тој ги потсети младите возачи на мотори дека е многу важно да ги почитуваат сограѓаните и да не прават бучава непотребно.
Со ваквите превентивни акции, сметаат одговорните, директно се влијае на подигањето на нивото на сообраќајна култура, а на тој начин се намалува бројот на жртви во сообраќајот.
Инаку, на подрачјето на Куманово од 1 мај до 31 јули годинава, санкционирани биле 407 мотоциклисти за неносење заштитен шлем, 43 за непоседување возачка дозвола и 12 биле нерегистрирани.