24.8 C
Скопје
6. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
+ЛОКАЛНО

Глоба од 13.000 евра, инспекција влезе во „Мош“ и во „Интермецо“ по поплаките на граѓаните за гласна музика

По пријави од граѓани за зголемена бучава од гласна музика од угостителските објекти на територија на општина Центар, Секторот за инспекциски работи во текот на минатата недела организира акција за мерење бучава со овластена лабораторија за животна средина „Еуромак контрол“ – Скопје во раните утрински часови, информираат од Општина Центар.

Акциите, како што појаснија, биле спроведени на целата територија на општината, при што биле поминати клучните точки, односно локалите за кои редовно има пријави од граѓани, конкретно во населените места Дебар Маало, Буњаковец, Центар и Капиштец.

„Извршено е мерење на бучавата на два угостителски објекта: „Мош“ и „Интермецо“.

По извршените мерења на бучавата, овластената лабораторија за животна средина ги достави извештаите од мерењата, врз основа на кои се спроведени инспекциски постапки, со платен налог за глоба за сторен прекршок во согласност со Законот за заштита од бучавата во животната средина.

Правните лица може да платат половина од казната во рок од 8 дена. Доколку не ги платат казните во висина 13.000 евра, овластениот инспектор ќе достави барања за поведување прекршочна постапка пред Основниот суд, оддел за прекршоци“, се нагласува во информацијата од Општината.

Општина Центар, велат од таму, постојано добива поплаки од граѓаните за гласна музика и непочитување на работното време по што во неколку наврати досега има изречено казни за бучава.

Општина Центар апелира до сите управители и сопственици на угостителски објекти во општината да се придржуваат до постојните правилници, да имаат обѕир кон жителите што живеат во непосредна близина на нивните локали и да се придржуваат до Законот за заштита од бучавата во животната средина.