Владата на денешната седница, на предлог на Министерството за образование и наука, донесе Одлука за доделување стипендии на странски државјани, од интерес за Република Северна Македонија.
Станува збор за предвидени 50 стипендии за странски државјани, студенти со македонско потекло кои живеат во државите на Балканскиот полуостров, а кои ќе се запишат како редовни студенти на државните универзитети, и тоа: Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” – Скопје, Универзитетот „Св. Климент Охридски” – Битола, Универзитетот „Гоце Делчев” – Штип, Универзитетот за информатички науки и технологии „Св. Апостол Павле” – Охрид, Универзитет „Мајка Тереза” – Скопје и Универзитетот во Тетово, во студиската 2023/2024 година.
Владата, на предлог на Министерството за образование и наука донесе и Одлука за давање согласност на конкурсите за запишување на студии од втор циклус на јавните високообразовни установи на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје, Универзитетот „Св. Климент Охридски” – Битола, Универзитетот во Тетово, Државниот универзитет „Гоце Делчев” во Штип, Универзитетот за информатички науки и технологии „Св. Апостол Павле” – Охрид и Универзитетот „Мајка Тереза” во Скопје, во академската 2023/2024 година, а по доставување на предлозите за запишување на студенти во втор циклус на студии за академската 2023/2024 година.
Владата, на предлог на Министерството за образование, донесе и Одлука за давање согласност на конкурсите за запишување на студии од трет циклус на јавните високообразовни установи на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје, Универзитетот „Св. Климент Охридски” – Битола, Универзитетот „Гоце Делчев” во Штип и Универзитетот за информатички науки и технологии „Св. Апостол Павле” – Охрид, во академската 2023/2024 година, а по доставување на предлозите од универзитетите за конкурсите за запишување студенти во трет циклус – докторски студии, за студиската 2023/2024 година.