12.8 C
Скопје
10. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
+МАКЕДОНИЈА

Костовски: Негласањето на измените не е патриотизам

Овој наш пат трае долго, бевме во многу групи, заедно со други земји, подобри од други земји, но поради сите пречки и препреки кои ни стоеле на тој пат, тие земји заминаа пред нас, истакна пратеникот на СДСМ Мартин Костовски на денешната седница на Комисијата за уставни прашања.

-Денес слушам загрижувачки изјави, дека доколку ние не ја искористиме оваа можност, тоа пак може да ни се случи уште една земја ќе оди напред а ние ќе тапкаме во место или пак можеби уште полошо да се вратиме назад. Затоа сметам дека од денес па натаму во собранието треба да дискутираме со аргументи, треба да ги соочиме аргументите ЗА и Против и власта и опозицијата и заеднички да и овозможиме на оваа држава прогрес и просперитет, почитувани колеги пратеници од денес се работи за наша лична одговорност за државата, не за колективната партиска амбиција, истакна Костовски.

Според него негласањето за уставните промени, не е чин на патриотизам.

-Тоа е едноставно чин на немање историска одговорност и признавање на сопствената компромитираност и неспособност. Најлесно е да се каже дека си патриот и да побегнеш од борбата. Наместо фронтална битка која ќе се одвива ден за ден, секојдневно да се соочуваат факти и да се опстои на вистината, лесно е некој да бира пасивна позиција, да се трга од бојното поле и глуми Калимеро – дека нема правда! Па и кога нема правда господа, треба да се избориш за неа! Треба да имаш јасна мисла, јасна цел, стратегија и тактика, да имаш доверба во соборците и да дозволиш најдобрите да ја водат битката, потенцира Костовски.

Пратеникот додаде дека дилетантизмот е погубен кога човек се заобиколува со медиокритети на кои многу им е важно народот да мисли дека се херои за да се дофатат до власт.

– Лесно е со бајки да го излажеш напатениот народ и да му кажуваш дека сите се против него, ама тој е силен, ќе издржи! И силен е македонкиот народ. Ќе издржи. Но, се повеќе наши сограѓани издржуваат во земјите на европската унија, онаму каде што имаат подобар економски стандард. А што сакаме ние? Што сакаме ние од мнозинството? Ние сакаме тој стандард да го донесеме овде дома. Сакаме овде дома да живеат со своите родители, роднини и пријатели, да работаат, да творат, овде да обезбедуваат иднина и да живеат квалитетен живот. Тоа е патриотизам. Одговорноста на лидерот е на следбениците да им ги кажува и лошите вести, проблемите,тешкотиите… и да им каже како ќе ги реши, да ги заштити! Извртувањето на фактите и манипулација, беседења што убаво звучат на краток рок, а при тоа немаат никаква поткрепа во реалноста е недозволиво. Некои велат дека е политичко самоубиство, дека тоа е лошо, ама што се прави убиство на перспективата на цел еден народ е катастрофа! Свесни и благодарни на своите предци за жртвите и посветеноста во нивните заложби за создавање на самостојна и суверена држава Македонија, мора да покажеме одговорност пред иднината на татковината, истакна пратеникот на СДСМ.

Според Костовски, имаме неповторлива шанса да го продолжиме европскиот пат и да оствариме уште една стратешка цел: членство во ЕУ до 2030 година.