26.8 C
Скопје
18. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
фото Pixabay
МАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

Ангелов за можноста од пожари: Сите три авиони ќе бидат функционални ова лето

Директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов, истакна дека надлежните институции се подготвени и координирани за можноста од пожари по високите температури.

На прашањето каква е состојбата на авионите, кои би требало да учествуваат во гаснење на пожарите, особено ако се земе предвид дека во државата пред две години во врска со овој проблем интервенираа екипи од соседството, Ангелов со одговор:

„Вчера одржавме координација, на која учествуваа сите институции што имаат надлежност во гаснење шумски пожари, се координиравме, донесовме неколку заклучоци и имаме намера в понеделник или вторник да ја информираме јавноста за бројот на државните ресурси, но авионите ќе бидат функционални ова лето“, потенцира тој.

Викендов, како што рече, надлежните институции имаат на располагање четири хеликоптери и еден авион.

„За овој викенд, имаме на располагање четири хеликоптери и еден авион. Другите два мислам дека се вратени, мислам дека се работеше за формален редовен сервис, така што на авионите можеме да сметаме ова лето“, појасни Ангелов.

Поради високите температури, упати апел граѓаните да бидат исклучително внимателни при движење во природа.

„Бидејќи најнепопуларната мерка е забрана за движење во природа, таа мерка ќе се обидеме да ја избегнеме. Но, граѓаните треба да бидат совесни и внимателни при фрлање догорчиња, при работа со алат што искри и да не се палат огнови, премногу е топло, тревата за неколку дена ќе биде барут сува и лесно запалива“, рече првиот човек на ЦУК.

На прес-конференцијата информира и за состојбата на мостовите во државата.

„Од страна на ЈП ‘Државни патишта’ се врши скрининг на сите мостови на територијата на државата, на автопатиштата, магистралните и на регионалните патишта со речиси 1.320 моста. Според официјалната информација, повеќето од мостовите се веќе проверени и се во одлична состојба, со тоа што очекуваат до Нова година целосно да го завршат нивниот скрининг“, дополни тој.

Во врска со опожарениот мост „Беласица“, Ангелов рече дека сите прашања треба да се упатуваат до Град Скопје.