15.8 C
Скопје
18. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

МВР за случувањата во „Комунална хигиена“: Протестирале 50 лица, меѓу нив и невработени лица

Полицијата затекла лица што не се вработени во скопска „Комунална хигиена“, а протестирале во кругот на претпријатието. Станува збор за лица чии договори за работа се раскинати од страна на директорката Косана Мазнева. Според МВР, на протестот имало педесетина лица.

„Во Полициската станица Гази Баба е пријавено дека во јавното претпријатие на подрачјето на Гази Баба некои од вработените одржуваат протест, а меѓу нив се и лица што не се вработени во претпријатието. Од страна на полициски службеници веднаш е излезено на самото место, при што било констатирано дека 50-ина лица протестираат и ги попречуваат другите вработени во извршувањето на работните обврски“, велат од МВР.

Посочуваат дека лицата што не биле вработени, а ја блокирале работата на претпријатието, се соочуваат со прекршочни казни. Според информациите од вработени во „Комунална хигиена“, станува збор за четворица, кои биле ангажирани со договор на дело, а директорката Мазнева им го раскинала.

„Со полициска интервенција возилата ангажирани за собирање на сметот биле пропуштени да излезат од капијата, а лицата што не се вработени, но биле затекнати во кругот на претпријатието, ќе се соочат со законски предвидените поднесоци“, додава МВР.

Според скопската градоначалничка Данела Арсовска, на протест се излезени лица организирани од мафијашки структури. Според неа, претпријатието е во заложништво на две фамилии, односно 70 лица, кои меѓусебно се роднини. Посочи дека не може да страдаат 1.300 вработени поради нив.