17.8 C
Скопје
3. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
+ЛОКАЛНО

Комунална збирштина глумеше Тиенанмен

Партија вчера објави војна на државата. И тоа не една, туку повеќе. Си ги мереа силите и се пресметуваа преку собирањето ѓубре, покажувајќи до кое дно се стигнати во практикувањето на моќта и разбирањето на демократијата. Збирштина од партиски кадри, меѓу кои и провокатори надвор од скопска „Комунална хигиена“ лежеа пред влезот на јавното претпријатие божем се на Тиенанмен и се борат против репресија и за слобода.

Нив, пак, ги поддржа Сојузот на синдикатите на Македонија, кој се претвора во скандалозна работничка организација која не штити права туку неработење, протест против јавен интерес, партиски насилници и политиканство. На крајот се појавија градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ кои, од страв дека Горан Герасимовски од Центар ќе им ја земе славата и ќе им ја прекине забавата, се фатија за метла и ги преплавија со пи-ар медиумите.

Па, излезе лидерот на оваа партија, Христијан Мицкоски, со апел да се надминат недоразбирањата и сите да се вклучат во решавањето на ситуацијата, иако од месечината се гледаше партискиот печат на ВМРО-ДПМНЕ на овој циркус насочен против Данела Арсовска.

И така, сапунската опера траеше сѐ додека Оливер Спасовски не реши да ги растера борците за права од комуналниот Тиенанмен и да приведе неколкумина, а Јавното обвинителство да отвори истрага за загрозувањето на јавното здравје. Невидливи останаа само ДУИ чија креација очигледно е ова монструм јавно претпријатие во кое владее самоволие и кое очигледно им служело со децении да ги вработуваат своите партиски членови, кои еден момент загубиле чувство кај се и што се, па се однесуваат како да им е лична сопственост дадена на злоупотребување.

Партијата, и тоа не една, вчера покажа дека ја ставила на нишан државата и дека малку им е тоа што ги наполниле претпријатијата и институциите со кадри кои не си ги исполнуваат обврските а земаат плата, туку сакаат да ги поседуваат и нив самите, претворајќи ги во партиски дувла преку кои ја контролираат државата.

Само тоа го објаснува вчерашното претепување на вработен од „Комунална хигиена“ кој се дрзнал, место да протестира, да си ја заврши работата за тој ден. Само тоа го објаснува молкот на ДУИ и на двата негови градоначалници од Сарај и од Чаир, како кај нив да нема проблем со собирањето ѓубре. Само тоа го објаснува застрашувачкото самоорганизирање на градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ за два часа за да го исчистат Скопје откако нивни структури (пред се ССМ) направија хаос во „Комунална хигиена“ покажувајќи на најдиректен начин дека се партија поорганизирана од државата, дека државата сакаат да ја претворат во партија и дека тие ќе решаваат кога ќе се расфрла ѓубре, а кога ќе се расчистува, а граѓаните за тоа ќе плаќаат. Само тоа го објаснува и фактот што Данела Арсовска им ја затвори вратата на „Дрисла“ за да не можат да фрлат ѓубре и да се сликаат како го исчистиле Скопје, бидејќи пи-арот е поважен од тоа како функционира Скопје.

Тоа што 50 луѓе во име на некаква демократија и синдикални права (биле понижени од директорката!) си дозволија анархија и дрско и ги спореа овластувањата, сепак беше највознемирувачкиот момент во оваа сапунска серија во „Комунална хигиена“. Тоа беше слика на една повампирена јавна администрација која се користи со сите средства, дозволени и недозволени, за да заштити личен интерес, која се става над законите и ингеренциите на раководството, која рекетира со безобразни барања како тоа за бенефициран стаж, која е толку занесена во својата улога како партиска гласачка машинерија што мисли дека само господ е над неа.

Таа административна ламја, собрана според политичка а не професионална селекција, сега си игра со државата, па и со партиите што ја гоеја досега, барајќи со недозволени притисоци екстремна заштита за вработувањата и привилегиите. Единствено што покажаа всушност со протестот вработените, невработените и неработниците во „Комунална хигиена“ е дека станува збор за заробено претпријатие од партиски или мафијашки структури кои се борат за статус-кво позиција не водејќи сметка ни за основната вредност на ова претпријатие – да го држи градот чист од отпад. Тие покажаа зошто всушсност „Комунална хигиена“ нема механизација и не си ја врши работата за која е платена и дека само багер (како што наводно се изразил Коце Трајановски додека беше градоначалник) може да ја расчисти одвнатре. Протестот, исто така, покажа дека Државниот завод за ревизија треба да под итно да почне со ревизија на вработувањата во јавната администрација бидејќи, ако макар и приближно се слични состојбите во другите јавни претпријатија – на Македонија ѝ нема спас до шестто колено.

Партијата вчера сепак не успеја да ја победи државата. Камионите излегоа да го собираат ѓубрето, а вработениот што се фатил за метла и беше натепан треба да добие зголемување на личниот доход, како признание за посветеност и одговорност и како добар пример. Јавното обвинителство треба да покрене кривични пријави за сите што го загрозија јавното здравје и ја посрамија државата пред туристите што во огромен број доаѓаат кај нас, а не организираме „ѓубре туризам“. МВР прати порака дека ваквите драми по јавните претпријатија ќе се расчистуваат со интервенција на полицијата и дека пи-арот кратко ќе трае и на штета на тие што го организираат. Владата, пак, треба да ја преразгледа законската регулатива која ги направи заштитени како мечки вработените во јавната администрација и да им ги изедначи правата со тие во јавниот сектор.

Притоа, барањето да се подели механизацијата на „Комунална хигиена“ на општините, а таа да се укине нема смисла, бидејќи тогаш ќе имаме циркуси со „комунални хигиени“ во повеќе општини во Скопје. Дури не е ни проблем ако 40 членови на семејството Дарлишта работат во ова претпријатије ако навистина работат, но во спротивно треба да им се врачат откази. И по сите овие циркузи едно прашање останува несфатливо – зар е толку тешко да се донесе регулатива ѓубрето во градот да се фрла исклучиво во кеси наменети за ваков отпад и затворено, за да не се шири барем смрдеа кога ќе се случи партиско дивеење во претпријатието?

СЛОБОДАНКА ЈОВАНОВСКА
извор Независен.мк

Спонзорирано: