26.8 C
Скопје
23. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

Османи: Охрид Центар за мир и медијација нов „хаб“ за решавање спорови во рамки на ОБСЕ

Министерот за надворешни работи и претседавач со ОБСЕ, Бујар Османи, во рамки на претседавањето со Организацијата во 2023 година, денеска ја презентираше новата иницијатива за формирање на Охрид Центар за мир и медијација. Османи, истакна дека идејата е овој Центар да биде белег на нашето претседателство со ОБСЕ, истиот ќе е од истражувачки карактер и под покровителство на Организацијата. Целните групи кон кои ќе се насочи Центарот ќе бидат младите, жените, дипломатите, академската заедница и граѓанското општество.

„Да формираме Центар за мир и медијација, кој во суштина ќе биде наш национален ентитет но под покровителство и под капата на ОБСЕ а кој ќе работи на истражувања, обуки и размена на искуства поврзани со решавањето на конфликти и спорови. Да создадеме Центар во Охрид како производ на партнерство помеѓу Владата на Северна Македонија и ОБСЕ кој ќе тежнее да прерасне во регионален центар за мир, посредување, решавање конфликти и форум за регионален безбедносен дијалог и истражување, во рамки на целиот ОБСЕ регион“-рече Османи.

Идејата е да се користат домашните искуства и успешни примери за Охрид Центарот да стане регионален но и „хаб“ во рамки на целиот ОБСЕ регион за истражување, анализи, медијација и политички препораки при решавање на спорови и конфликти. Центарот ќе нуди совети, обуки, политики и конкретни услуги за медијација и поддршка на процесите на решавање спорови кои можат да бидат од внатрешна или меѓудржавна природа.

„Охридскиот Рамковен Договор како и неговото континуирано спроведување од самиот почеток, беше силен аргумент во корист на Северна Македонија, како и пример за позитивна балканска динамика дури и во политички турбулентен период и регион. Нашето искуство, исто така, понуди видлив контраст со другите договори за обезбедување мир и стабилност на Балканот, доколку домашните актери се посветени и меѓународната заедница реагира навремено. Процесот на решавање на разликата околу таканареченото прашање за името и преговорите со Грција се вториот најконкретен пример за успешно „решавање спорови“ со изразен домашен влог и иницијатива. Фактот дека неколку години по потпишувањето на Договорот од Преспа, билатералните односи меѓу двата соседа се во нагорна линија и овозможија зголемена трговска, одбранбена, меѓуопштинска и економска соработка, исто така покажува дека Северна Македонија има корисни искуства и научени лекции дека може да им понуди на своите соседи, но и на земјите од поширокиот регион на ОБСЕ“-рече претседавачот со ОБСЕ, Османи.

Претседавачот со ОБСЕ, како позитивен и важен пример ја истакна и меѓународната улога на Северна Македонија која беше домаќин на дијалогот на високо ниво, за нормализација на односите меѓу Белград и Приштина, одржан во Охрид во март годинава.

Со формирањето на Охрид Центарот ќе се потенцира релевантноста на Организацијата и во време на сериозен конфликт во Европа, предизвикан од Руската агресија врз Украина, како и способноста на ОБСЕ и понатаму да воспоставува дополнителни механизми наменети кон решавањето на конфликти.

Предвидено е Охрид Центарот да биде дополнително средство во алатникот на Организацијата кој ќе има етапен развој што значи дека ќе се започне со мал тим, кој последователно ќе се јакне со интенција да прерасне во поголем центар во иднина во регионот на ОБСЕ.

Структурата која ја предлага министерот за надворешни работи и претседавач со ОБСЕ, Бујар Османи, не е непозната за Организацијата. Вакви позитивни примери на ОБСЕ се Академија во Бишкек, како и Колеџот за обука на персоналот за гранично управување во Душанбе со долгогодишно искуство и успешно функционирање.