„ЕУ се залага за еднаквост помеѓу мажите и жените и родовата еднаквост е позиционирана како едно од фундаменталните начела кои се инкорпорирани во сите договори за воспоставување на ЕУ“ изјави министерката за труд и социјална политика и претседателка на Форумот на жени на СДСМ, Јована Тренчевска на младинската трибина „Млади, иднина, Европа“ во Скопје.
Таа додаде дека на ниво на ЕУ се вложуваат напори за ефективно регулирање на прашањето на родовата еднаквост, а интегрирањето на родовата перспектива придавува систематско интегрирање на ситуациите, приоритетите и потребите на жените и мажите во сите политики со цел да се унапреди еднаквоста помеѓу жените и мажите и да се мобилизираат сите генерални политики и специфични мерки за постигнување еднаквост.
„Имајќи предвид дека Република Северна Македонија е земја кандидат за членство во ЕУ, се стремиме кон почитувањето и унапредувањето на европските стандарди и практики за постигнување на родовата еднаквост. Во оваа насока треба да се спомене дека директивите и препораките на ЕУ за рамката за еднакви можности на жените и мажите се имплементирани во домашното законодавство. Со ова, нашата држава одговара на обврските од Спогодбата за стабилизација и асоцијација“ рече Тренчевска.
Министерката додаде дека и како членка на Советот на Европа, земјава ги поддржува заложбите и Стратешките приоритети на Стратегијата за родова еднаквост на Советот на Европа 2018 – 2023 кои се фокусираат на превенција и борба против родови стереотипи и сексизам, превенција и борба против родово базирано насилство, еднаков пристап до правда за жените, балансирано учество на жените и на мажите во донесување одлуки, заштита на правата на жените и на девојките баратели на азил, мигранти и бегалци и интеграција на родовите политики во сите политики и мерки.