18. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Османи во Лондон оствари средби со министрите за надворешни работи на Азербејџан и на Молдова, Бајрамов и Попеску

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи на маргините на Конференцијата за закрепнување на Украина, што се одржува во Лондон, денеска оствари билатерални средби со министерот за надворешни работи на Азербејџан, Џејхун Бајрамов и со Нику Попеску, вицепремиер и министер за надворешни работи и европска интеграција на Молдова.

Во фокус на разговорот помеѓу Османи и Бајрамов беше состојбата во Јужен Кавказ. Османи во својство на Претседавач во ОБСЕ беше во посета на Азербејџан во април оваа година. На денешната средба двајцата министри разговараа како да се зачува стабилноста и да се унапреди безбедноста на регионот со помош на механизмите на ОБСЕ.

„Изразив силна поддршка за тековните напори за посредување и за воспоставување стабилност на терен. Се надевам дека искуството и предностите на ОБСЕ може поактивно да се искористат за безбедноста на регионот“, рече Османи.

Османи и Бајрамов разговарале и за унапредување на соработката помеѓу Северна Македонија и Азербејџан, особено на полето на економијата и енергетиката.

На средбата со молдавскиот вицепремиер и министер за надворешни работи и европска интеграција, Попеску, Османи истакна дека Северна Македонија дава поддршка за суверенитетот, територијалниот интегритет и политичката независност на Молдова, како и за нејзините аспирации за членство во Европската Унија.

„Европската интеграција е најдобрата алатка за спречување конфликти и злонамерно влијание од трета страна“, истакна Османи на средбата со Попеску.

Покрај тоа, двајцата соговорници разговараа и за поддршката од ОБСЕ за Молдова.

„Молдова останува високо на агендата на ОБСЕ, токму затоа во Молдова ја реализирав мојата втора посета во својство на Претседавач истакнувајќи ја силната поддршка во напорите за решавање на ситуацијата во Транснистрија“, рече Османи.

Посетата на Молдова во рамки на Претседавањето на Северна Македонија со ОБСЕ, Османи ја оствари во февруари оваа година