18. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Михаилоски: Сите заедно да делуваме за стратешките цели, да бидеме гласни, храбри и сплотени

„Во реформските процеси и исполнување на стратешките цели, сите треба заеднички да делуваме. Го разбирам разочарувањето, но разочарувањето не не ослободува од одговорноста и обврските кон Македонија, нашиот дом. Затоа не смееме да останеме пасивни. Треба да бидеме гласни, храбри и сплотени. Да покажеме што сакаме и што бараме“ изјави претседателот на СДММ, Марко Михаилоски на младинската трибина „Младина, иднина, Европа“ во Скопје.

Тој додаде дека младите треба да се изборат за подобри услови, кои утре нема да ни дозволат да бараме решение надвор од границите на земјата, бидејќи влогот во себе е влог во иднината на државата.

„И секако, се е тешко пред да стане лесно. Но, вечерва и секогаш ветувам дека се што правиме ќе се исплати. Успехот не доаѓа по грешка, ниту е случаен. Успехот бара жртва, труд, упорност и учење. Ако ја сакаме Европа, Европа ќе ја направиме дома. Затоа што, до нас е! И кога секој еден од вас, што ве гледам овде, ќе се даде себеси за заедничко подобро утре, никој од нас нема да посака да купи карта во еден правец“ рече Михаилоски.

Претседателот на СДММ рече дека тие како младина бараат реорганизација на органите на јавната управа, намалување на бројот на министерствата, но да не се запостави идејата за Министерство за млади, институција која треба да биде сојузник и претставник на младинскиот глас.

„Тоа ќе биде инситутиција која ќе ги спроведува младинските политики и ќе биде наш сервис. Дајте ни шанса да седнеме на иста маса и заедно со вас да ја обликуваме иднината. Рамо до рамо да бараме решенија за сите предизвици со кои се соочуваме“ рече Михаилоски.