20.8 C
Скопје
12. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
фото Centar.mk
БИЗНИСТОП ВЕСТИ

Лидл ќе донесе конкурентни цени и свежина во тромавиот македонски пазар во трговијата на мало

Доаѓањето на Лидл во Македонија се очекува да донесе свежина и конкурентност на тромавиот македонски пазар во трговијата со мало.

Нашите граѓани со нетрпение го очекуваат првиот маркет на „Лидл“ во земјава, а, во меѓувреме, масовно пазарат од маркетите на „Лидл“ во Грција, но и во соседна Србија, во која е присутен од 2018 година.

Влезот на германскиот ланец на супермаркети „Лидл“ на македонскиот пазар е многу важен за државава, бидејќи преку него земјоделските производи полесно ќе стигнуваат до европските трпези. Заменик амбасадорот на Германија, Ото Граф очекува „Лидл“ да инвестира многу пари и да отвори мноштво работни места во Македонија.

– „Лидл“ е инвестициски партнер, чекориме напред, но не се наоѓа во крајна фаза. Оптимисти сме, сметам дека „Лидл“ во секој случај ќе инвестира многу пари и ќе отвори многу работни места. Не смее да се потцени дека еден ваков супермаркет ќе направи голема инвестиција, но сметам дека е многу битно за самата држава да се понудат земјоделски производи преку „Лидл“ во цела Европа – истакна Граф на презентацијата на истражувањето за деловната клима на Делегацијата на германското стопанство во Северна Македонија, АХК и Македонско-германското стопанското здружение.

Тој смета дека колку повеќе земјава се приближува кон Европската Унија, толку побитна ќе биде темата за земјоделие, бидејќи ќе се постави прашањето како ние како мала држава може да опстанеме на европскиот пазар, а еден од начините е со продажба на земјоделски производи во цела Европа.

Датумот кога ќе ги видиме првите продавници на Лидл во Македонија засега е непознат. Германскиот трговски синџир ја регистрираше својата компанија во Македонија во 2021-та, а ќе биде управувана од бугарската филијала. Лидл регистрираше подружница со паричен влог од 500.000 евра. Интернационалниот синџир веќе ангажираше кадри во Македонија и тие веќе подолг период посетуваат обуки во Софија и во Белград.

Економската криза која што се случи изминатава зима итекако ни покажа како на Македонија и е потребен Лидл, со оглед на тоа што некои од тукашните ланци на маркети обидувајќи се да заработат на грбот на народот не само што не ги замрзнаа цените, туку и ги покачија на многу производи, па така Македонците беа принудени да пазарат надвор од државава.