Позициите за уставни измени со ДПМНЕ не се толку далечни после лидерската средба, очекуваме дијалогот да продолжи, рече денеска во интервју за емисијата Аргумент плус на 24 Телевизија, потпретседателот на СДСМ, Стефан Богоев.
-Најпрво добивме јавно поддршка од Христијан Мицкоски за уставни измени. За кои што претходно беше кажувано дека овој парламентарен состав нема шанса да ги донесе. Сега тоа е променето до реториката на Мицкоски и велат дека можат да се случат уставни измени. Втората работа е она што го велите со одложено дејство, но и тоа ние го прифативме, рековме во ред, бива, одложено дејство до втората меѓувладина конференција. Тие велат до членство во ЕУ, но тоа е невозможно. Тоа е така со преговарачката рамка. Треба да се биде реален, преговарачката рамка не може да се смени, тоа е губење време кое го немаме. Третата работа е што тие прифатија да влезат во Влада со СДСМ, рече Богоев.
Како коинцидира влегувањето во Владата со омекнување на ставот за уставни измени мене ми е многу интересно, додаде тој.
-Дали е тоа случајно или не ќе си кажат од ВМРО-ДПМНЕ. Дали им се виде влезот во Влада интересен и атрактивен па омекнаа со ставот за уставни измени? Ќе треба тие да одговорат, рече Богоев.
На таа лидерска средба и на таа прес конференција после лидерската навистина се осети една позитивна политичка атмосфера во државата, но гледаме дека нешто се случува во меѓувреме.
-Гледаме дека нешто се случува во меѓувреме, дали е тоа поради цврстиот став на Левица и Апасиев, дали е ставот на некои други структури во рамки на десницата кои веднаш истиот ден излегоа да го прогласат Мицкоски за предавник, не знам дали тоа влијаеше за утре дента повторно да излезе ВМРО-ДПМНЕ да почне да измислува нови услови? Ние сме задоволни во СДСМ што конечно се призна и легитимитетот на Собранието, нели се велеше овој собраниски состав нема легитимитет да носи уставни измени, сега го признава легитимитетот на овој парламентарен состав, рече Богоев.
Понудивме работна група за да продолжи дијалогот, очекуваме и ДПМНЕ да номинира членови за да успее процесот, се надевам дека нема да ги разочара граѓаните, доколку тоа не успее ќе се разговара со пратеници од опозицијата на основа на идеја и визија
– Ние очекуваме разговорите да продолжат, понудивме работна група, чекаме ВМРО-ДПМНЕ да номинира свои претставници во работната група за да успееме. Гледате и во реакциите во јавноста многу граѓаните се надеваат на успешност на овој план, велат ајде конечно обединете се сите и тргнете кон заокружување на тој генерациски сон да бидеме членка на ЕУ. Се надевам дека нема да ги разочараат граѓаните. Доколку не успее планот ќе се разговара со пратеници од опозицијата коишто размислуваат исто како нас на тема европски интеграции. Коишто се за интеграција наместо за изолација. Кои што сакаат да бидеме дел од ЕУ. Консултации и разговори со пратеници од опозицијата би се одвивале врз основа на идеја и визија. Кој од пратениците на опозицијата ја гледа Македонија интегрирана во ЕУ, богата и напредна држава, е добредојден да се приклучи, рече Стефан Богоев во денешното интервју за Аргумент плус на 24 Телевизија.