25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Состанок вечерва во СДСМ за продолжување на дијалогот со опозицијата за уставните измени

Централниот одбор на СДСМ, вечерва, во 19 часот, ќе се состане со цел за да го усогласат ставот за преговорите со ВМРО-ДПМНЕ за уставните измени.

За заклучоците од седницата јавноста ќе биде информирана по нејзиното завршување.

Претходно денес, портпаролот и пратеник на СДСМ, Дарко Каевски, рече дека на седницата ќе се дискутира за начинот и текот на дискусијата, разговорите и за дебатата со ВМРО-ДПМНЕ.

„Уште еднаш ќе потенцираме, добро е што Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ се согласуваат за уставните измени затоа што со тоа ќе придонесеме заеднички да ја исполниме децениската аспирација на граѓаните и нешто што им должиме на граѓаните, а тоа е европскиот пат на државата. Како што и веќе напоменав, разговорите очекуваме да продолжат во позитивен правец и заеднички да се радуваме на сето она што претстои и што е потребно да се направи за европскиот пат на државата“, рече Каевски.

Додаде дека одложеното дејство на уставните измени за нив е прифатливо до одржувањето на втората меѓувладина седница, а тоа го има и во преговарачката рамка. ВМРО-ДПМНЕ, наспроти тоа, бара уставните измени за внесување на Бугарите да стапат во сила во моментот кога Македонија ќе стане членка на ЕУ за да не дојде до дополнителни условувања од бугарска страна.