8.8 C
Скопје
12. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Петровска во посета на Вермонт, каде што свечено ќе биде одбележан 30-годишниот јубилеј од партнерството помеѓу АРМ и Националната гарда на Вермонт

Министерката за одбрана, Славјанка Петровска, и началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, се во заедничка посета на Националната гарда на Вермонт.

Во Вермонт свечено ќе биде одбележан 30-годишниот јубилеј од партнерството помеѓу македонската Армија и Националната гарда на Вермонт.

Тридецениското партнерство со Националната гарда на Вермонт има суштински придонес во развојот на капацитетите на Армијата на Република Северна Македонија. Преку можноста за воено образование и обука во капацитетите на Националната гарда на Вермонт нашите припадници стекнаа практични вештини директно од Вооружените сили на САД. Приближно 5.000 припадници на македонската Армија поминале низ процес на обука и тренинзи на Националната гарда на Вермонт, значајно подигнувајќи го нивото на обученост и достигнувајќи ги НАТО-стандардите.

За време на посетата на сојузната држава Вермонт, Петровска ќе се сретне и со гувернерот на Вермонт, Фил Скот, со командантот на Националната гарда, генералот Грегори Најт, претседателот на универзитетот Норвич, генерал-мајор Марк Анарумо, а ќе го посети и тренинг-полигонот „Итан Ален“.

Министерката Петровска и генералот Ѓурчиновски на воениот полигон „Итан Ален“ ќе ја проследат заедничката вежба на македонските војници од четата за Атомска, биолошка и хемиска одбрана и Националната гарда на Вермонт, а ќе ги посетат и воздухопловната база на Националната гарда на Вермонт и Оперативниот центар за итни случаи на Вермонт.