25.8 C
Скопје
7. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Лекарите ќе работат и онлајн за да си ја заработат платата, најави Меџити

Министерот за здравство Фатмир Меџити зборуваше за проблемите во здравството. Тој рече дека има проблем да се закаже термин кај специјалист и проблем се дијагностичките процедури, па граѓаните се принудени да плаќаат во приватното здравство. Нагласи дека тој и неговиот тим работат на тоа да се надминеме овој проблем.

„Пред три недели ги пуштивме сите екипи, сите контролори и инспекции се на терен. Имаме подобрување во тој контекст. Понатаму, ќе излеземе со точни резултати какво е подобрувањето. Знаеме дека има проблем, јас од првиот ден велам дека треба целосна реорганизација на здравствениот систем во нашата држава. Треба систематизација на здравството, ние работиме напорно, презедовме мерки и ќе имаме точни резултати за неколку недели, дека имаме подобрување и ќе продолжиме да работиме“, рече Меџити.

Во врска со дијагностицирањето, рече дека работи заедно со својот тим, а дека проблемот е во систематизацијата и реорганизацијата.

„Во клиничкиот центар имаме доволно кадар, и здравствени работници и сестри, знаете дека ние првин треба да ја средиме примарната здравствена заштита, тука треба да направиме голем пресек, ова не се прави за ден-два, ќе треба повеќе време, можеби и години, но ние треба да почнеме, работите да се движат композитно, јас имам моја предлог-визија, работиме на тоа да има и група формирана на дигитализација на радиологијата во целата држава, т.е. централизација на радиологијата. Тоа значи дека ако во еден град има доктор што дневно чита еден рендген на една рака или нога, сега понатаму нема да биде така, онлајн ќе бидат вклучени сите, ќе има ограничен број колку дневно да чита еден лекар за да си ја изработи платата, над тој број и дома, нашите почитувани радиолози, ако сакаат повеќе финансиски примања, ќе имаат можност да прочитаат со цел да не се чека толку долго“, објасни министерот Меџити.