21.8 C
Скопје
28. март 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ЛОКАЛНО

ГРАДОНАЧАЛНИКОТ КОЊАНОВСКИ ПАНЕЛИСТ НА МЕЃУНАРОДНИОТ ЕНЕРГЕТСКИ ФОРУМ

Во рамките на Меѓународниот енергетски форум МЕФ 2023, кој вчера и денес се одржува во Скопје, градоначалникот на општина Битола беше панелист во сесијата „Трансформација на енергија преку локална климатска акција“.
Сесијата, која се одржа во партнерство со невладината Еко свест, ја отворија заменик министерката за животна средина Христина Оџаклиаеска и Микаел Атерхог, шеф на одделението за развој во шведската амбасада во земјава.
Градоначалникот на општина Битола Тони Коњановски, истакна дека во согласност со заложбите на државно ниво, кои ја следат Енергетската транзиција во Европа, единиците на локалната самоуправа имаат значајна улога во овој процес.
„Општина Битола, во последните години на изразена енергетска криза, работи на повеќе проекти кои што овозможуваат енергетска ефикасност и заштита на животна средина од повеќе аспекти. Се работи на јавните објекти, особено на училиштата и градинките, каде што се чувствува најголема потреба од енергетска ефикасност, јавните претпријатија, општината работи на подигнување на јавната свест за зачувување на енергија, го потпомага бизнис секторот, а со одредени субвенции стимулира на подобрување на енергетската ефикасност.
Праведна транзиција треба да обезбеди суштински придобивки од транзицијата кон зелена економија со посебна поддршка кон ризичните категории.
Без разлика по кое сценарио ќе се одвива транзицијата, потребно е државата да преземе мерки за заштита на животната средина, посебно во делот на производство на електрична енергија и при тоа значително да инвестира во нашата општина. Тоа значи дека еден од клучните фактори е правилното инвестирање и вклучување на локалните потреби во нашиот регион, што треба да е нагласено во националните планови и стратегии за клима и енергија.
Општина Битола е во завршна фаза на изработка на Локален еколошки акционен план, како и во завршна фаза на изработка на Стратегија за економски развој и Програма за енергетска ефикасност. Во овие стратешки документи, јасно ја покажуваме насоката и правецот по кој ние, како локална самоуправа треба да се движиме во наредните години, истовремено интегрирајќи се со пошироките национални и меѓународни цели на климатската политика.
Постојано, за граѓаните на општината, пред донесување на било кој стратешки документ важен за сите наши жители, организираме трибини, расправи со засегнатите страни, прашуваме за мислења и имаме јавни анкети. Постојано ги потпомагаме сите активности на невладиниот сектор кои едуцираат и поддржуваат активности во насока на едукација од областа на животната средина. Позитивните примери јавно ги споделуваме, организираме јавни масовни акции, како што е Генералка викенд, во која масовно, со влученост на општината, јавните претпријатија, училиштата, урбаните и месните заедници и локалното население, се чистат цели обласи и депонии во градот.
Заложбите на општина Битола во иднина се во насока на подобрување на капацитетите за полесна праведна, а со тоа и енергетска транзиција, со акцент на заштита на животната средина“, истакна во своето обраќање граадоначалникот Коњановски.
На плодната панел дискусија, покрај градоначалникот Тони Коњановски, учествуваа и претставници од невладиниот сектор, МАНУ, претставници на законодавната власт, проектната единица на Министерството за финансии и други претставници , чиј заклучоци се дека е потребна зголемена соработка меѓу сите институции и финансиски капацитети.

Спонзорирано: