22. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

УКИМ денеска избира ректор

На 28 факултети и институти во состав на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ) денеска ќе се спроведат избори за ректор.

Во трката за прв човек на најголемиот и најстариот македонски универзитет се шест кандидати: Биљана Ангелова, од Економскиот институт, Горан Ајдински, од Филозофскиот факултет, Ратко Дуев, од Филозофскиот факултет, Атанас Кочов од Машинскиот факултет, Христина Спасевска од Факултетот за електротехника и информациски технологии и Димитар Ташковски од Факултетот за електротехника и информациски технологии во Скопје.

Гласањето ќе се спроведе во периодот од 12 до 14 часот, а во избирачкиот список на УКИМ, утврден од Универзитетската изборна комисија запишани се 1.419 лица со право на глас, меѓу нив редовни и вонредни професори, асистенти, доценти и студенти на факултетите.

Според роковникот за избор на ректор на УКИМ, резултатите од тајното гласање треба да бидат објавени до крајот на денов, а во следните три работни дена кандидатите ќе имаат можност и да поднесат приговор. Доколку има потреба од прегласување, тоа ќе биде спроведено на 9 јуни, а конечните резултати од изборите треба да бидат соопштени на 15 јуни.

Мандатот на новиот ректор на УКИМ ќе започне на 16 септември, со почетокот на новата академска година и ќе трае до 15 септември 2026 година. Новиот ректор треба да го наследи Никола Јанкуловски од Медицинскиот факултет, кој ја вршеше оваа функција во два мандата и повеќе нема право да се кандидира.