Брзите промени бараат брзи и одлучни одговори, а за нив мора да сме подготвени заедно со нашите сојузници зашто нашето единство во алијансата е нашата сила, истакна министерката за одбрана, Славјанка Петровска, на денот за високи гости на вежбата „Брз одговор 23“ на армискиот полигон Криволак.
„Во НАТО чекориме рамо до рамо, обединети со прогресивните сили на светот и нашиот стратешки партнер САД, подготвени да одговориме на заканите, без оглед од каде доаѓаат. Со оваа вежба испраќаме неколку силни пораки – дека придобивките од сојузништвото во НАТО се, пред сè, за граѓаните, дека нашата земја е еднакво голема и важна колку секој од сојузниците и дека солидарноста е клучот на успехот и напредокот, особено во тешки времиња“, рече Петровска.
Министерката порача дека силата е во различностите и дека секој успех е заеднички, и на сојузниците со кои работиме и на граѓаните за кои работиме, и додаде дека секоја инвестиција во Армијата е инвестиција во нашата безбедност.
„Ова се моменти кога со гордост велам дека македонската Армија е НАТО-армија, моменти што потврдуваат дека инвестицијата и во опрема и во човечки ресурси во Армијата е инвестиција во заедничката иднина и е гаранција за нашата колективна безбедност“, заклучи Петровска.
Министерката им се заблагодари на припадниците на македонската и сојузничките армии и им честита за покажаните професионалност, посветеност и заедништвото, што ги покажаа изминативе денови.
Премиерот Ковачевски рече дека со нашето членство во НАТО, Република Северна Македонија не е повеќе објект на геополитичката сцена, туку субјект што активно учествува во носењето одлуки од светско значење заедно на иста маса со светски суперсили.
На денот за високи гости припадниците на вооружените сили на Северна Македонија, САД, Албанија, Црна Гора и на Косово изведоа вежба со наслов „Мултинационална чета во напад, подржана со артилериска, воздушна и противоклопна поддршка“.
Во рамките на вежбовната активност беше употребено роботизираното софистицирано возило т.н. Project Origin, кое е во пробна употреба на Армијата на САД и кое првпат во вежбовни услови тестира лансирање противоклопна ракета од типот Javelin.