15. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Делегација на Уставниот суд на Република Северна Македонија во студиска посета на Република Хрватска

Петчлена делегација на Уставниот суд на Република Северна Македонија беше дел од студиска посета на Република Хрватска со цел запознавање и размена на најдобрите искуства од уставно-судската пракса на хрватскиот Уставен суд.

Во текот на посетата се организираше работилница со фокус на запознавање со хрватскиот модел на уставна жалба, од основни информации поврзани со правната рамка, до имплементација и практични аспекти на примена во случаи на дискриминација, повреда на човековите права и слободи.

Меѓу темите на дискусија беа и уставните одлуки и нивните ефекти врз одлуките од судството и беа споделени примери од судската пракса на Европскиот суд за човекови права.

Оваа студиска посета се реализираше во периодот 24-26 мај во Уставниот суд на Република Хрватска, со помош на Инструментот на Европската Комисија TAIEX( ТАЕКС: Инструмент за техничка помош и размена на информации).

Во рамки на посетата советниците остварија средба и со амбасадорот на Република Северна Македонија во Република Хрватска, Проф. Д-р Милаим Фетаи, и се запознаа со работењето и активностите на амбасадата.

Македонската делегација беше во состав од петмина советници на Судот кои работат на предмети: Магдалена Паункова Спасова, Татјана Јаниќ-Тодорова, Јасмина Симоновска, Сузана Фетаи Цана и Ненад Миноски.

Една од стратешките цели на Уставниот суд на Република Северна Македонија е зајакнување на капацитетите на службата преку обезбедување на обуки и размена на искуства со земјите од соседството и од ЕУ. И во наредниот период Судот ќе продолжи со организирање на обуки и работилници за вработените со цел усовршување на нивните вештини, со краен ефект за квалитетни и аргументирани одлуки и решенија, со придобивка за граѓаните и унапредување на нивните права.