12.8 C
Скопје
29. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Пендаровски: Ако не бевме НАТО немаше да можеме да се справиме со руската пропаганда

Претседателот Стево Пендаровски денеска учествуваше на лидерскиот состанок во организација на Белградскиот центар за безбедносна политика, насловен „Руската агресија врз Украина: Нов моментум за проширувањето на EУ? ”

Претседателот се осврна на значењето на членството во НАТО и влијанието на руската пропаганда на Балканот.

„Ако ние не бевме во НАТО и не ги споделувавме сите информации во тој систем, немаше да можеме да се справиме со сите други пропаганди и лажни вести. Ако ја споредиме пенетрацијата на руските служби во регионот, особено во Македонија, сега и таа не е толку голема во споредба со 2018-та година, кога го организиравме референдумот за членство во НАТО, и особено пред таа кампања, кога странски ентитети воспоставија 35 интернeт портали преку ноќ во земјава, од кои 2/3 имаа слични имиња на веќе постоечки“, рече Претседателот во дискусијата.

Во однос на билатералниот спор со Бугарија, како пречка во македонските интеграции кон ЕУ, претседателот Пендаровски изјави дека пред две и пол години Бугарија почна да изнесува барања кои немаат никаква допирна точка со ЕУ критериумите. „Започнаа да зборуваат за македонскиот етнички идентитет, дека македонскиот јазик е дијалект на бугарскиот, дека во периодот од 1941 до 1944 тие биле администратори, а не окупатори и сето тоа беше во писмена форма дисеминирано до сите амбасадори. Таков тип на историски ревизионизам е апсолутно недозволив во секоја сериозна дискусија“, рече претседателот Пендаровски, додавајќи дека таков дијалог не прилега од страна на земја-членка на ЕУ.

Во дискусијата учествуваа Славица Грковска, заменичка на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење, Игор Бандовиќ, директор на Белградскиот центар за безбедносна политика, Весела Чернева, заменик директор на Европскиот совет за надворешни односи, Горан Булдиоски, директор на програмата за Европа и Централна Азија на Фондот за отворено општество и Срѓан Цвијиќ, претседател на Меѓународниот советодавен комитет на Белградскиот центар за безбедносна политика.

Целта на лидерските состаноци е да се дискутира за значајните надворешни и безбедносни предизвици со кои се соочува регионот, геополитичките настани и трендовите што го засегаат, и да се процени иднината на демократските реформи, регионалната соработка и местото на Западен Балкан во глобалната политика.