20.8 C
Скопје
28. март 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ЛОКАЛНО

Во Струга одржан осмиот и последен регионален настан за инклузивно образование како дел од кампањата на Проектот „Биди ИН, биди ИНклузивен, биди ИНклудиран“

Струга, 10.05.2023 – Денес во Општина Струга се одржа осмиот и последен регионален настан во рамки на третата проектна кампања на Проектот „Биди ИН, биди ИНклузивен, биди ИНклудиран“ кој е финансиран од Европската Унија. Домаќини на регионалните настани беа општините кои ја повторија својата заложба за инвестирање во квалитетно инклузивно образование, а учесници беа претставници од општини, училишта, невладини организации, општествено одговорни компании и медиуми кои на овие настани имаа можност да ги споделат своите, искуства, размислувања, идеи и локални практики на полето на инклузија. На овие настани, претставници од проектот „Биди ИН, биди ИНклузивен, биди ИНклудиран“ информираа за сработеното во секој одделен регион и направија кратка презентација за придобивките кои веќе се чувствуваат кај учениците со попреченост и нивните семејства.

“Овие регионални настани ги користиме како можност заедно со сите чинители да поразговараме за иднината на инклузијата. Европската Унија преку Проектот „Биди ИН, биди ИНклузивен, биди ИНклудиран“ поддржа со месечни стипендии 474 ученици сo попреченост, во 43 училишта беше подобрена пристапноста и инклузивноста, повеќе од 150 ученици со попреченост добиваа образовнo-туторска поддршка, 300 родители беа консултирани за секојдневните предизвици при воспитувањето деца со попреченост и повеќе од 430 вработени во училиштата учествуваа во обуки за поддршка на процесот на подучување ученици со попреченост. Целта на овие настани е да ги споделиме нашите проектни активности и постигнувања, како и предизвиците и научените лекции при реализирањето на проектните активности, кои на сите засегнати страни може да им помогнат да ги планираат своите идни активности.” изјави менаџерот на проектот „Биди ИН, биди ИНклузивен, биди ИНклудиран“ Бранка Џајковска.

На денешниот настан се обрати и претставникот од Општина Струга Арбреша Влаши, која ги сподели локалните практики во Општината, но и посветеноста на општината кон подобрување на инклузивната клима во училиштата.
„За нас е од огромно значење, нашите ученици уште од најмала возраст да ги развиваат своите социо-емоционални вештини, да бидат емпатични и да ги почитуваат различностите, да соработуваат меѓу себе и секое дете да го најде своето место и во училиштето и понатаму во целиот општествен живот. Нашата посветеност ја докажуваме низ многу активности, меѓу другото и преку соработката со проектот во изградба на инклузивно и пристапно игралиште во ООУ Браќа Миладиновци- Струга. Нашиот став е дека мора да бидеме способни да испорачаме образовен систем кој ќе овозможи еднакви можности за сите ученици кои ќе имаат корист од образованието и, притоа, да помогнеме во градењето на силни инклузивни општества.“ изјави Арбреша Влаши, претседател на Советот на општина Струга.
Проектот „Биди ИН, биди ИНклузивен, биди ИНклудиран“ има за цел да придонесе кон обезбедување рамноправен пристап на децата со попреченост до квалитетна настава и пристапна и стимулативна средина за учење, а го спроведуваат Фондацијата „Чекор по чекор“, заедно со партнерите Здружение за промоција и развој на инклузивно општество „Инклузива“ и Здружение за давање услуги на лицата со попреченост „Хандимак“ вo соработка со Министерството за образование и наука.

Спонзорирано: