10.8 C
Скопје
19. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

(Видео) Ковачевски: Македонија ја вративме на вистинскиот пат, станавме членка на НАТО и почнавме преговори со ЕУ

Претседателот на Владата Димитар Ковачевски во рамки на работната посета на САД, се обрати на престижниот универзитет „Џонс Хопкинс“ во Вашингтон на тема: „Неодложна потреба за економски развој на Балканот“. Претходно, премиерот Ковачевски, одржа средба со деканот, Џејмс Стајнберг каде зборуваа за тековната работа како и плановите за активности во следниот период.

„Северна Македонија е многу уникатен пример за тоа како преку дипломатија и отворен дијалог се решаваат отворени прашања. Кога ние станавме членка на НАТО и започнавме со пристапните преговори со ЕУ, тоа се случи практично во најтешкиот период за светот. Прво беше пандемијата, потоа беше војната во Украина, но кога ги гледам бројките од минатата година, во најлошата година по Втората Светска војна ние имаме највисоко ниво на странски директни инвестиции во државата. Над 700 милиони евра, тоа е двојно од бројот што го имавме во најдобрите времиња за земјата, и секако ова се должи на стабилноста на земјата. Минатата година во најтешката година, во секоја смисла, ние имавме највисоки државни буџетски инвестиции во земјата, 465 милиони евра и тоа е токму поради таа стабилност којашто успеавме ние да ја постигнеме. Кога зборувам за странски директни инвестиции тоа се компании коишто доаѓаат од САД, од Канада, од Германија во автомобилската индустрија главно, нови три илјади работни места коишто беа отворени во само една година. Нивото на платите значително порасна, нивото на минималната плата исто така порасна за 100% споредено со периодот пред пет години, а нивото на пензиите беше зголемено за 40 до 50% повторно споредено со периодот пред пет години. Ова се бројки коишто покажуваат дека тешките одлуки функционираат и за економијата. Пред само две недели потпишавме договор со еден од најголемите производители на компјутерска, автомобилска и медицинска индустрија за производство на чипови. И кој би можел да замисли дека во Северна Македонија ќе се произведуваат чипови како што денес се произведуваат во Тајван коишто држат 70 до 80 % од производството. Сето ова немаше да биде возможно без стабилност на државата“ истакна Ковачевски.

Тој нагласи дека што се однесува до инфраструктурата овие политички одлуки одат рака под рака со физичкото поврзување на државата.

„Кога ќе го погледнеме пејзажот на инфраструктурата на земјава кога била дел од Југославија ние сме го имале само коридор 10 од север кон југ. Автопат Белград – Скопје, Солун – Атина. Тоа беше единствениот автопат којшто го имавме и единствената железница која датира од времето на Југославија. Значи може најчесто да се користи само за товарен транспорт на материјали.

Денес започнуваме со градење на коридорот 8 којшто се движи во насока исток – запад и којшто никогаш не беше изграден поради политички причини. Сега со закон усвоен во Собранието ќе градиме нов автопат кон границата со Албанија и тој ќе биде изграден од американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“ којшто ќе ја поврзува земјата со запад. Исто така веќе градиме експресен пат кон Бугарија како и железница кон Бугарија. Веќе започнавме со тоа, повеќе од половина милијарда евра инвестиција сè со цел да имаме комуникација на коридор 8.

Тој појасни дека досега зависевме само од пристаништето во Солун, а, како што рече, со коридорот 8 земјата ќе може да стигне до пристаништето во Драч во Албанија и пристаништето во Бургас во Бугарија.

„Ако сте во центарот на даден простор како што е Северна Македонија во центарот на Балканот, ако немате инфраструктура, тогаш ќе бидете само обиколница, но ако имате инфраструктура тогаш ќе бидете крстопат. И практично со овој коридор 8 ние ќе станеме вистински транспортен крстопат и коридор на Балканот. Не само на Западен Балкан“ рече Ковачевски.

Тој нагласи дека за Македонија нема алтернатива освен да стане членка на ЕУ и дека никој никогаш не предложил некоја поинаква алтернатива, освен некој политички партии што се финансирани од Русија.

Спонзорирано: