25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Пенов: Неопходна е дигитализација на општините затоа што граѓанинот сака пристапни, брзи и транспарентни услуги

Во услови на децентрализација, во услови кога општините се надлежни за испорака на многу важни услуги за граѓаните, процесот на дигитализација треба да се одвива паралелно на централно и на локално ниво затоа што граѓанинот во основа не го интересира кој ја дава услугата, туку колку лесно и бргу може да ја обезбеди, рече министерот за локална самоуправа, Ристо Пенов, на денешната тркалезна маса „Дигитална трансформација на општините: предизвици и можности“ во рамките на Програмата за развој на Обединетите нации – УНДП.

„Дигитализацијата како глобален феномен е предизвик и за јавниот, и за бизнис-секторот и за граѓаните. Како држава немаме друг избор, освен да се вклопиме во глобалните текови за да можеме да бидеме конкурентни и во комуникација со технолошки развиениот свет“, додаде тој.

Јавниот сектор побавно се приспособува на промените затоа што тие се условени од внатрешната подготвеност и доволност на технички и човечки ресурси, но и од подготвеноста на граѓаните да ги прифатат новите услови и да ги користат новите дигитални алатки, заклучи тој.

„Сега сме во фаза кога ни е потребен посистемски приод и наместо општина по општин, да го примениме пристапот услуга по услуга. На тој начин услугата е изедначена во сите општини, а трошоците за нејзино обезбедување може да ги споделат сите општини преку набавка на заедничка опрема. Покрај ефикасноста, целта на дигитализацијата на услугите е да се намали просторот за корупција, а да се зголемат транспарентноста и отчетноста“, рече тој.

Според Пенов, здравствената криза низ која поминавме само ја потврди потребата од дигитализација на услугите.

Праксата покажа дека општините што се чекор понапред од другите на овој начин обезбедија поголема наплата и на даноците и на сметките за комунални услуги. Во иднина овој начин на обезбедување на услугите треба да биде примарен, а шалтерот само алтернатива, истакна Пенов.