11.8 C
Скопје
18. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Костадиновска-Стојчевска: Со чување и унапредување на македонскиот јазик – го чуваме нашиот дом и идентитет

Министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска, денеска, во Националната опера и Балет, учествуваше на панел-дискусијата по повод одбележувањето на 5 Мај, Денот на македонскиот јазик.

Честитајќи го овој значаен ден, Костадиновска-Стојчевска изрази благодарност до сите оние што, како што рече, „македонскиот јазик го чуваа, го надградуваа, го негуваа, го зборуваа и ни го пренесоа како аманет, како тестамент“.

„Ни македонскиот ни кој било друг јазик не е создаден како оружје. Јазикот е бедем, јазикот е идентитет, јазикот никогаш не нè оставил сами. Кога ќе ја разбереме моќта на зборот, тогаш сме ја разбрале и силината на јазикот. Нема грд јазик. Има само агресивни соговорници, кои посегнуваат по јазикот со сето непочитување, најнапред кон сопствениот јазик. Тој вербален истрел не е дострел“, рече Костадиновска-Стојчевска.

Министерката за култура потсети дека предлог-законот за употребата на македонскиот јазик влегува во собраниска процедура и потенцира дека тој е одговор на новите предизвици, кои бараат зголемена, организирана и системска грижа на државата за правилна употреба на сопствениот, македонски јазик и на неговото кирилско писмо.

„Со чување и унапредување на македонскиот јазик – го чуваме нашиот дом и идентитет“, додава таа.