Ковачевски кукавички се крие зад работната група за уставни измени. Работната група за уставни амандмани нема кредибилитет, вистинските експерти со време се оградија, се вели во реакцијата од ВМРО-ДПМНЕ.
Оттаму велат дека професорите од областа на Уставното право, луѓе од професијата на уставната материја и научници од сродни области, кои имаат голема професионална кариера не сакаат да бидат дел од аматеризмот наречен работна група за уставни амандмани, затоа што за уставни промени нема консензус.
– Уставни измени можат да се случат само со широк народен консензус, туркање на уставни промени спротивно на волјата на народот од една тесна политичка клика само носи поделби во општеството и дополнително негодување. Кога СДС и ДУИ видоа дека немаат експерти за во работната група, прибегнаа кон ангажирање на пензионирани луѓе, кои се родители на нивни функционери, како што е примерот со Бранко Наумовски, татко на поранешниот градоначалник на Ѓорче Петров, сестри на функционери од ДУИ, како што е примерот со Беса Арифи, сестра на Теута Арифи и луѓе кои се јавуваат како дежурни пропагатори на политиките на власта во дебатни емисии или во колумни како Ана Чупеска, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од опозициската партија додаваат дека „на листата на таканаречени експерти се најде и поранешниот претседател на Уставниот суд, Сали Мурати, кој им ги зголеми платите на судиите, под изговор дека се гладни, а тој самиот на имотен лист имаше пријавено цело богатство, два стана и куќа. На листата се и Јетон Шасивари, Марија Пендевска и Бајрам Положани, кои не пропуштаат дебатна емисија да ја пофалат власта, а дел од нив беа и поддржувачи на криминалното СЈО“.
Колку СДС не знае што прави покажува фактот дека во работната група ја ангажирале и Јагода Митревска, која самата се фали дека има искуство со кампањи и следење на избори во Русија. Па така од набљудувач на кампањи во Русија до креатор на Уставни измени во Македонија, стои во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.