12.8 C
Скопје
25. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Ковачевски: ФРОНТЕКС ги штити нашите граници, нашата безбедност и нашиот македонски јазик и идентитет, единствениот стабилен пат за нас е Европската унија

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, денеска присуствуваше и се обрати на свеченото одбележување на почетокот на „Заедничката операција на ФРОНТЕКС во Република Северна Македонија“, како дел од договорот за оперативни активности спроведени од страна на Aгенцијата за европска гранична и крајбрежна стража ФРОНТЕКС.

Во продолжение е интегралната изјава на претседателот на Владата на Република Северна Македонија:

„ Денеска присуствуваме на церемонија на официјално започнување на Заедничката операција, под закрилата на Агенцијата за европска гранична и крајбрежна стража ФРОНТЕКС, а во соработка со нашите припадници на полицијата, кои ја претставуваат нашата држава.

Во оваа прилика, сакам да го поздравам денешниот настан, кој е во духот на нашата цврста заложба и определба Република Северна Македонија, што поскоро да стане дел од пошироката европска заедница.

Деновиве го одбележуваме шестмесечниот период од потпишување на Договорот со Агенцијата за европска гранична и крајбрежна стража ФРОНТЕКС, кој Собранието на Република Северна Македонија го ратификуваше на 13 февруари годинава.

Во оваа прилика сакам да им се заблагодарам на пратениците кои што гласаа за ратификување на овој договор, а кои што претходно ја усвоија преку заклучоци и преговарачката рамка со ЕУ, која што составен дел го има договорот ФРОНТЕКС, кој што има исклучително значење во повеќе аспекти за нашата држава.

Горди сме како нација што овој Договор е прв потпишан договор со Европската унија, на македонски јазик, без додавки, фусноти и ѕвездички, што е доказ за заштита на македонскиот јазик и македонскиот идентитет, коишто, со овој документ, се поставени на европско рамниште, заедно со сите други јазици и идентитети на земјите членки на ЕУ.

Во оваа прилика сакам да го поздравам и штотуку пристигна вицепремиерот за европски прашања г- динот Маричиќ, тоа што тој го зборуваше минатата година во јули заедно со мене, заедно со министерот за надворешни работи, се потврди дека било вистина и дека договорот ФРОНТЕКС и ќе биде потпишан и ќе биде имплементиран. Останува на оние кои што критикуваа, кои што фрлаа молотови коктели врз Собранието, врз Владата, врз МНР, во најмала рака на него и на министерот за надворешни работи да им се извинат.

Со потпишувањето на Договорот со ФРОНТЕКС и неговата ратификација, статусот на македонскиот стандарден јазик се издигнува на рамноправно рамниште со сите други јазици кои се зборуваат во Европската унија, а нашата култура, јазик и идентитет, се признати и препознаени и во меѓународни рамки. На овој начин, македонскиот јазик и идентитет се неприкосновени и втемелени во европското законодавство.

За нас ФРОНТЕКС значи заштита на нашите граници, значи заштита на територијалниот интегритет и суверенитет на нашата држава, значи навремен одговор за сите безбедносни ризици по нашата земја, значи безбедност и мирен сон за нашите деца, значи контрола на миграциските движења, значи справување со меѓународниот криминал, значи признавање на нашите цврсти заложби за зачувување и промовирање на македонскиот јазик на нашиот евроинтеграциски пат, значи можности за примена на професионални европски стандарди и зачувување на меѓународниот мир и безбедност.

Бидејќи, како што гласи еден од постулатите на ФРОНТЕКС -„служиме на интересите на граѓаните бидејќи се грижиме за луѓето и веруваме во европските вредности“.

Ова се нашите верувања, нашите цели, нашиот лајтмотив на долгиот, но достижен пат кон Европската унија, кои веќе ги исполнуваме, освен преку Договорот со ФРОНТЕКС и преку носењето на заеднички одлуки за светската безбедност и учество во заеднички операции во рамките на НАТО, за што неодамна ја одбележавме и тригодишнината од нашето членство во Северноатлантската Алијанса.

Меѓународното признавање за напредокот кој го постигнува Република Северна Македонија се реализира и преку нашето претседавање со Организацијата за безбедност и соработка во Европа, ОБСЕ, во текот на оваа 2023 година, година на најголем предизвик на европскиот континент после втората светска војна.

Република Северна Македонија е препознаена од меѓународната заедница како фактор на стабилност во регионот и кредибилен партнер во зачувувањето на регионалната стабилност. Имаме исклучителни постигнувања на регионален и меѓународен план, а Република Северна Македонија преку конкретни чекори покажува успеси наспроти сите деструктивни тенденции.

Со успешна, заедничка работа, со заеднички сили заедно со нашите сојузници и стратешки партнери стоиме храбро пред предизвиците и одиме по патот кој нѐ води до посветла, просперитетна иднина за сите наши граѓани.

Со решителни чекори, продолжуваме со европската агенда, продолжуваме со исполнување на сите неопходни критериуми за членство во Европската унија, како и усогласување на нашето со европското законодавство.

Свесни сме за предизвиците, свесни сме и за тежината со која понекогаш треба да се носат храбри и вистински одлуки како во минатото така и во претстојниот период.

Свесни сме и за дезинформациите и за лагите кои што ги имало, ги има и ќе ги има во иднина. Меѓутоа нема враќање назад кога верувате во праведна и кога верувате во голема цел. Единствениот стабилен и безбеден пат за нас е ЕУ.

Сакам да му се заблагодарам на министерот за внатрешни работи за неговата истрајност минатите 5 години и неговиот тим и преговорите за склучување на договорот ФРОНТЕКС, за зачувување на националните културни и идентитетски и јазични црвени линии на македонскиот народ. Сакам да се заблагодарам на сите негови колеги кои оперативно учествуваа во спроведувањето на овој договор како и на колегите од ЕУ.

Ви благодарам.“

Спонзорирано: