25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

(Видео) Мицкоски: Да му ставиме крај на ова сивило и да ги промениме работите

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски испрати честитка по повод најголемиот христијански празник Велигден.

„Благодат за секој еден од нас која произлегува од радоста на Христовото Воскресение кое пак, еве веќе два милениума претставува најмаркантниот настан во историјата на човештвото, но и сведок за неизбежноста на победата на доброто врз злото. Живееме во време полно со предизвици, поделби, гнев, со омраза едни кон други, но и во време на големи неправди. А тоа највеќе нé боли!

Кога гледаме дека од нашите раце сакаат да ја оттргнат надежта, соништата – нашите најмлади членови на ова општество кои притиснати од очајот на властa се приморани да ја бараат својата среќа во други држави, надвор од нивните родни огништа!

Имаме задача – моја, ваша, заедничка – да му ставиме крај на ова сивило и да ги промениме работите! Да ставиме крај на неправдите и на заедничките болки што предизвикуваат заеднички страдања! Заедно да се избориме за нови стандарди! Друга опција немаме, и ова е Македонија за која се бориме.

Ова е Македонија во која веруваме! Ова е Македонија за која вреди секоја наша болка, секоја промена, секоја возобновена надеж, секоја заедничка иднина. Да ги кренеме главите, и да покажеме што можеме. Со срце, со ум. Заеднички. За неповторливата шанса на нашата генерација.

Драги браќа и сестри,

Историјата нé учи дека предизвиците и ударите врз нас никогаш не престанале. И денес се нападнати нашите темели кои се основата на сите наши силни колективни верувања, но и она што сме!

Овој пат разликата ќе ја правиме по мудроста што ќе ја покажеме и по обединетоста која мораме да ја имаме.

Во овие празнични денови испраќам и порака кон една од нашите најголеми идентитетски тврдини – Македонската Православна Црква – Охридската Архиепископија: единството и трепетот над македонскиот оган, како и секогаш низ вековите – да продолжат да бидат главната одлика.

Мудроста и разумот да продолжат да бидат главните двигатели на сите одлуки во овие историски времиња. Целосно знаејќи за она што сме и за она што мора да продолжиме да бидеме. И верувам дека нашата света црква како и до сега, ќе продолжи да биде големиот чувар на идентитетот на македонскиот народ.

Добрината и љубовта нека биде водилка во вашите срца, а светлината и топлината нека бидат присутни во сите наши домови!

Нека е за многу години Велигден! Христос воскресна! Навистина воскресна!“ порача Мицкоски.