ВМРО – Народна партија на вчерашната Седница на Собранието за потребата од донесувањето на предлог закони по скратена постапка поврзани со изградбата на дел од Коридорот 8 и дел од Коридорот 10 д, гласаше Против предлог законите да се разгледуваат на Седница на Собранието, соопштија од партијата.
Таквата одлука како што додаваат е од следните причини:
– „Законот за утврдување на јавен интерес и номинирање на стратешки партнер за имплементација на изградбата на дел од Коридорот 8 и дел од Коридорот 10 д, е донесен на 15.07.2021 со што е утврден стратешкиот партнер Бехтел – Енка.
– Не може на закон со кој е утврден јавен интерес, да се поднесува нов предлог закон за изменување и дополнување на основниот закон. На ваков начин, се доведува во прашање значењето и важноста на основниот закон за определување на стратешкиот партнер, посебно што се менуваат суштински членови.
– Договорот со Бехтел – Енка, Владата го потпиша на 08.03.2023, а на 04.04.2023 год е означен и почеток на работите.
– Не може после потпишување на Договорот и отпочнување на работите, да се менуваат условите за работа поготово со менување на закони кои имаат директно влијание врз изградбата, финансиите и рокот за изградба“, појаснуваат од оваа партија.
ВМРО – Народна партија уште при донесување на основниот закон во 2021 година реагираше за членовите од Договорот со кои се исклучува примената на законите во целост или делумно и ги потенцираше сите проблеми што сега се отвараат при реализација на договорот за изградба.
Напоменуваат дека со евентуално донесување на овие предлог закони се исклучува примената на финансискиот систем во државата и на правниот систем во делот на важноста на овие закони. Законите што треба да се изменат се донесени со координација и со Европската Унија и Владата ќе треба да даде објаснување и спрема Европската Унија во делот на исклучување на примената на постоечките закони како и дали новите предлог закони се во согласност и со Европското законодавство.
ВМРО – Народна партија, бара од Владата да го објави Договорот или да го презентираат на Коморите, стручните здруженија и невладини организации од оваа дејност и да објаснат:
– „Дали измените и дополнувањата на законите се содржани во Договорот како обврска на Владата.
– Зошто е потпишан прво Договорот, а после се прават измена на закони кои на стратешкиот партнер му даваат најповластена состојба од сите досегашни инвеститори во Македонија. Истакнуваме дека при потпишувањето на Договорите, изведувачите односно според законот стратешкиот партнер, се запознати со сите постоечки закони кои важат во Македонија и кои ќе се однесуваат и важат и при нивната работа.
– Дали, ако овие предлози за измена и дополнување на законите не бидат усвоени од Собранието, Владата ќе треба да плати финансиска оштета на стратешкиот партнер и колку сега ќе изнесува вкупната вредност на проектот кој на почетокот беше предвиден на 1,6 милјарди евра.
– Надзорите на проектот треба да одговорат дали по отпочнување на работите на 04.04.2023 заради не обезбедување на услови за работа, се плаќаат финансиски пенали односно клемови според Фидик договорите и колку изнесуваат финансиските средства на ден“, се дополнува во соопштението од ВМРО-Народна.
Додаваат дека ќе поднесат амандмани на сите предлог закони поврзани со изградба на Коридорите, со цел, заштита на државниот интерес, обезбедување еднакви законски одредби и еднакви услови за изведувачите на големи градежни работи, почитување на правата на работниците кои ќе работаат на проектите и заштита на животната средина.
„Истакнуваме дека Европските Меморандуми со државите низ кои што поминуваат Пан Европските Коридори 8 и 10, се потпишани во 2001 и 2002 година, со што тогашната Влада на премиерот Георгиевски се определи Македонија да биде членка во Европската транспортна мрежа.
Затоа, доставуваме предлог до Владата, за изградба на автопатско решение на комплетниот Коридор 8 и од Куманово до ГП Деве Баир, затоа што предлог законот го дефинира само делот од Тетово до ГП Ќафасан, а не целиот Коридор 8, а исто така и изградба на автопатско решение на комплетниот Коридор 10 д, од Велес – Прилеп – Битола до ГП Меџитлија. На ваков начин ќе добиеме целосно решение наспроти сегашното парцијално и комплетирање на Коридорите 8 и 10 низ Македонија“, се наведува во нивното соопштение.